Лазаров: Не е лесно да се игра пред ваква публика! На Вардар му посакувам среќа во Европската лига

360

Вардар 1961 го победи Алкалоид со 30-27, меч кој се одигра порано поради обврските на „црвено-црните“ во Европската лига. Младиот состав на Кирил Лазаров му парираше на противникот, но поширокиот ростер на крајот беше пресуден за крајниот исход.

После мечот Лазаров им ја честиташе победата на ракометарите на Вардар 1961 и им посака среќа во Европската лига каде во четвртфиналето ќе игра против Монпелје.

„Вардар е во одлична форма, има одличен ростер и голема самодоверба. Вардар секогаш е тешко да се победи во „Јане Сандански“, мислам дека заслужено беа подобри. Им честитам и им посакувам среќа во Европската лига со Монпелје. Покажавме еден борбен натпревар. Не сакам да зборам за нашите недостатоци кај играчите со важни улоги. Без разлика на се, имавме други играчи кои мораше да добијат шанса и да покажат дали се капацитет за да играат со вакви тимови. Дојдовме до драгоцено искуство, не е лесно да се игра во ваква сала пред ваква публика. Многу млади играчи добија шанса да играат на овој меч, тоа е важно за нивниот напредок. Сум задоволен, но делумно. Знам дека можеме и повеќе, но во овој момент Вардар е подобра екипа од нас.“, изјави Лазаров.

Предводникот на Алкалоид потенцира дека нема да ја менуваат стратегијата, напротив ќе продолжат да одат по истиот пат.

„Ние имаме јасна стратегија и целта наша е дека никогаш не се откажуваме. Ќе бидеме трпеливи. Имаме екстра-квалитетна лига, четири одлични тимови. Можат сите екипи да се носат со екипи од Европската лига па дури и од Лигата на шампионите. Плус за македонскиот ракомет е што имаме ваква лига, треба да го задржиме овој тренд, ама во секој случај и да не трпи репрезентацијата и покрај квалитетните странци во четирите најдобри клуба да им се дава шанса и на македонските играчи, за да имаме квалитетен национален тим. Кога се игра за Македонија, нема Скопје – Битола – Прилеп – Куманово, сите сме сплотени. Од една страна квалитетот е добар, но мора да мислиме и на второто, без разлика дали е тоа во фудбал, во кошарка, во одбојка. Имаме јасна стратегија и цел и движиме добро. Некогаш побрзо, некогаш поспоро.“, прокоментира Лазаров.

ПретходноСудот одреди 30 дена притвор за Муамед Сејдини!
СледноЈокиќ немоќен: Минесота со лекција за Денвер!