Челзи, актуелниот светки првак и некогашен двоен европски шампион е во агонија. Лиам Росениор е веќе бивши, а наголемо се говори за враќањето на Франк Лампард на клупата на “сините“. Тој е клупска легенда и јасно е зошто неговото име се споменува во контекст на Челзи.
Сепак, како што растат шпекулациите, Лампард реши да стави крај на истите и јасно да стави до знаење дека неговата иднина не вклучува враќање во Лондон, барем не во моментов, бидејќи е целосно посветен на проектот што започна во Ковентри Сити и кој веќе донесе резултати што малкумина можеа да ги предвидат. Од моментот кога го презеде Ковентри во ноември 2024 година, Лампард успеа да го трансформира тимот и да го врати неговиот идентитет, стабилност и верба.
Кога беше директно прашан за евентуално враќање во Челзи, тој избегна подлабока анализа на ситуацијата во неговиот поранешен клуб, покажувајќи професионализам и почит кон средината каде што помина значаен дел од својата кариера, но исто така јасно стави до знаење каде се неговите приоритети.
„Не сакам да зборувам за Лиам и Челзи бидејќи бев таму и го знам контекстот зад сето тоа. Не мислам дека е фер да се донесуваат судови за тоа. Јас сум тренер на Ковентри, уживам во нашиот успех и тоа е единственото нешто што ме интересира“, рече Лампард, оставајќи малку простор за какви било други толкувања.
Сепак, тој не можеше целосно да ги скрие своите емоции кога станува збор за клубот што ја одбележа неговата кариера, признавајќи дека ги следи настаните и дека разбира колку тежок може да биде периодот низ кој поминува Челзи, особено по серијата лоши резултати и натпревари без постигнат гол.
„Тежок период е и сите ние тренерите знаеме какви последици можат да имаат ваквите моменти. Челзи е голем дел од мојот живот, но во моментов тоа е нивна работа, а мојата работа е тука“, додаде Лампард, јасно повлекувајќи линија помеѓу минатото и сегашноста.










