Миленкоски: Оваа прва фаза е за скенирање на младиот потенцијал во националниот тим

38
Фото: ОФМ/Вангел Тануровски

Македонската одбојкарска репрезентација полека ги стартуваше подготовките за првата фаза од годинешните летни обврски. Од вчера во Крушево, сениорите под палката на селекторот Јошко Миленкоски почнаа со првите базични подготовки очекувајќи го комплетирањето со пристигнувањето на преостанатите репрезентативци во текот на следната недела. Миленкоски уште во првиот ден од работата ги постави насоките, кои главно се однесуваат на физичката подготовка на играчите.

„Овој собир е главно со младите играчи, бидејќи најискусните ни се приклучуваат следната недела во Скопје. Ќе ја искористиме оваа седмица за базични подготовки. Со тренерот Баснарков работиме на физичката подготовка, а потоа полека ќе ја насочуваме и играчката форма. Оваа недела во Крушево ќе ни дојде добро за да видиме со каков капацитет располагаме кај овие помлади одбојкари и кој од нив ќе може да се најде во нашите планови за сериозните репрезентативни обврски кои не очекуваат“, вели селекторот Миленкоски.

Капитенот Никола Ѓоргиев и искусниот Владо Милев веќе завршија со клупските обврски, но ќе добијат денови за одмор пред да се приклучат во репрезентацијата идната недела, кога целиот тим се сели во Скопје.

„Владо и Никола завршија, Маџунков има повреда, а Савовски и Љафтов се уште имаат клупски обврски. Ги очекуваме идната недела за да можеме да почнеме да работиме комплетни“, потврди Миленкоски.

Македонската машка сениорска репрезентација своите први настапи ќе ги има на почетокот на идниот месец кога ја очекува првиот турнир од новото издание на Европската лига, која сега ќе има и квалификациски карактер за пласман на идниот Евроволеј.

Претходно„Комити“ им приредија изненадување на „Чкембари“ (ФОТО)
СледноМанчестер Сити ја доби првата шампионска битка со Арсенал!(ФОТО)