Во Куманово успешно реализирани третите мини олимписки игри

7

Во Куманово успешно се реализираа третите од вкупно четирите Мини Олимписки игри 2026, организирани во рамки на ОВЕП програмата поддржана од Олимписка солидарност.

На настанот учество земаа 240 ученици и 20 наставници од основните училишта, кои преку спортски и едукативни активности ги промовираа олимписките вредности – фер плеј, почит, тимска работа и пријателство.

Мини Олимписките игри свечено ги отворија претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, кои ја нагласија важноста на спортот, физичката активност и олимписката едукација кај младите.

Во рамки на активностите, Македонскиот олимписки комитет донираше спортска опрема и училишен инвентар во три основни училишта во Куманово. Донацијата опфати кошаркарски, фудбалски и одбојкарски топки, конуси, хулахопи, мрежи за кошеви, спортски реквизити, како и едукативни и наставни материјали за останатите училишни предмети, со цел подобрување на условите за учење, спорт и правилен развој на учениците.

Настанот помина во одлична атмосфера исполнета со позитивна енергија, дружење и спортски дух, а учениците уште еднаш покажаа дека олимписките вредности успешно се негуваат и пренесуваат меѓу младите.

Македонскиот олимписки комитет продолжува со реализација на активности кои придонесуваат за развојот на спортот и олимписката едукација низ целата држава.

ПретходноЛапорта и Перез го откажаа заедничкиот ручек во пресрет на „Ел Класико“!
СледноПолувреме: Вардар убедлив, ама води и Шкендија, Пелистер го “полни“ Шкупи!