“Лавовите“ посакуваат победа и против Тиквеш

40
ФОТО: FFM.MK

Во 31. рунда од домашниот фудбалски шампионат, Македонија ЃП на домашен терен го пречекува Тиквеш.

Составот предводен од Боби Божиновски во дуелот кој ја решава за опстанок во елитното друштво ќе се обиде да забележи нова победа со што ќе ја продолжи триумфалната низа во самата завршница од првенството.

Македонија ЃП во претходните два меча кои ги играше на домашен терен славеше во соочувањата со Шкупи и Работнички.

Во првиот против екипата од Чаир, каде номинално беше гостин сосема очекувано забележа победа од 4:0 додека претходно во дуелот со директниот конкурент за опстанок, Работнички триумфираше со 2:1.

Македонија ЃП се наоѓа во тешка позиција, има 30 бода, шест помалку од Пелистер и АП Брера кои се на места што носат бараж за опстанок во ПМФЛ.

По натпреварот со Тиквеш, екипата од Ѓорче Петров ја очекуваат два тешки натпревари. Во Куманово со Башкими и по последното коло дома против Силекс.

Епилогот околу опстанокот не зависи само од резултатите на Македонија ЃП, но за домашниот тим на денешниот натпревар, императив се трите бода.

Дополнителен притисок за Македонија ЃП е и фактот што претходните две средби во текот на сезонава завршија со победи на гостите. Во февруари Кавадарчани во Ѓорче Петров забележаа победа од 1:0 додека во септември минатата година Тиквеш славеше со 2:1.

Тиквеш во финишот од сезоната влезе во резултатска криза, а турбулентниот период кулминираше со смена на комплетниот стручен штаб.

Кавадарчани во последните пет натпревари имаат само една победа и тоа на гостувањето во Струга, по бод е освоен во соочувањата со Башкими и Арсими, а забележани се убедливи порази во мечевите против Силекс, Шкендија и Вардар.

Во последните три кола Тиквеш постигна само два погодоци, но противниците беа прецизни дури 12 пати.

Сепак и покрај серијата на лоши резултати, Тиквеш е далеку од зоната за испаѓање додека во однос на екипите кои се се на позиции што носат бараж за опстанок предноста е пет бода.

Евентуална победа на гостувањето во Ѓорче Петров значи и најава за излез од кризата, но пораз значи и нејзино продлабочување.

Фактот дека Тиквеш во дуелите со Македонија ЃП има две победи го подгрева оптимизмот дека конечно може да се прекине лошата серија.

Тиквеш во завршницата од сезоната го очекуваат мечеви со тимови што се борат за опстанок во елитата.

Следниот викенд во Кавадарци гостува Пелистер, а во последната рунда Тиквеш патува за Скопје на дуел со Работнички.

Натпреварот на стадионот во Ѓорче Петров почнува во 16 часот, а правдата ќе ја дели Пларент Салихи.

ПретходноТФТ нема право на кикс против Борац Чачак
Следно„Ел Класико“: Тоа е Реал Мадрид – Перез и Бутрагењо вечерва нема да бидат во ложата на “Камп Ноу“!