Да се знае кој е кој: Моќна Македонија среде Прешов!

612

Словачка – Македонија 24:31 е исходот од првиот натпревар од бараж двомечот за пласман на СП 2027. Квалитетно издание на четата на селекторот Кирил Лазаров. Едноставно Македонија го искажа својот квалитет, иако реално оваа предност можеше да биде уште поубедлива.

Но и вака е добро, ако се знае дека реваншот се игра во недела во Скопје, каде треба да ставиме заверка на пласманот на Мундијалот.

Не смее да биде поинаку, зошто вечерва покажавме кој е кој!

Македонија одлично го отвори овој натпревар и тоа со 0:2. Првиот гол на средбата беше дело на капитенот Филип Кузмановски од седум метри.

Словаците брзо израмнија на 2:2. Следуваше полувреме во кое и двете селекции се менуваа во водството, но никој немаше поголема предност од +2, и така беше се до последната фаза од првиот дел, кога Македонија успеа и тоа како резултатски да се одлепи. Па на пауза да замине со убедливи +5.

Треба да кажеме дека во овој период нашите ракометари најмалку во три наврати промашија зицери, а гаѓаа и стативи.

Сепак генерално, добро, одлично прво полувреме за четата на селекторот Кирил Лазааров.

Во првата фаза од вториот дел продолживме да ги контролираме настаните на теренот, да имаме контрола врз играта и врз самиот меч. Македонија беше стабилна, знаеше што сака, разиграна Македонија, очигледно дека на полувремето имало совети од селекторот Лазаров како да бидеме уште подобри.

Во 40.минута имавме 17:23, но и натаму гаѓавме стативи, оваа разлика можеше, па и мораше да биде поубедлива. Имавме и 18:25 за +7 на средина од второто полувреме. Во тие моменти Кузмановски за првпат не успеа да реализира удар од седум метри.

Следуваше нешто подобра игра за домашните кои успеаја да ја намалат разликата на -6 голови, сепак Атанасијевиќ врати брзо за 20:27 во таа 52.минута.

На крајот Македонија успеа да победи со конечни 24:31.

Кога сме кај стрелците капитенот Кузмановски заврши со 10 голови, следуваше Лазаревски со седум, Митев и Костески запишаа по три. Томовски беше одличен на голот со 13 одбрани.

БРАВО МАКЕДОНИЈА!

Да кажеме дека нашите ракометари ја имаа поддршката од група наши навивачи, членови на “Фалангата“. Нема што, убава глетка во салата во Прешов.

Како што е познато реваншот се игра во недела (17 мај) во салата “Борис Трајковски“ во Скопје со почеток од 19 часот.

Очекуваме полни трибини и заверка за нов пласман на уште едно големо натпреварување.

Претходно“Младите добија шанса во Крушево, сега со уште посериозно темпо продолжуваме во Скопје“
СледноСрбија на Раул ја победи Унгарија, Словенија славеше на гости кај Црна Гора!