✍ Зоран Ѓоршоски
Меланија Грозданова е една храбра, амбициозна млада девојка која од мали нозе има(ла) само една цел – да стане позната фудбалерка. Таа иако сега има само 17 години, знае што сака. Верува во себе, во својата работа и напорно работи да ја оствари својата цел.
Токму затоа денеска во „Женски спортски приказни“ ви ја претставуваме низ интервју фудбалерката која е во тренд. Имено пред неколку месеци искочи информација дека Јувентус е силно заинтересин за нејзе, дека Меланија беше во кампот на гигантот од Торино, а еден Руди Галети имаше и свој специјален коментар за македонската фудбалерка:
“На само 17 години, Меланија Грозданова веќе станува еден од најозборуваните млади фудбалски таленти во Европа. Македонската репрезентативка неодамна помина една недела во Торино, каде што го посети Јувентус за да ја открие клупската средина, да се запознае со тимот и да го запознае тренерскиот штаб. Италијанскиот клуб, како што ексклузивно беше откриено пред неколку месеци, внимателно ја следеше, а оваа средба потврдува дека патиштата меѓу нив наскоро би можеле да се спојат“, напиша еден од најпознатите новинари во Европа.
Зарем треба нешто да се додаде на зборовите на Галети во врска со Јуве.

Инаку Меланија важи, а тоа го кажуваат сите кои нешто значат во македонскиот женски фудбал, за најголемиот талент во историјата на Македонија. Се вели дека и сега би можела да игра за голем европски клуб, ама проблем е тоа што нема полни 18 години, па затоа рано е за трансфер.
Меланија е напаѓач, може да игра и десно крило без проблем. Исто не е проблем за нејзе да ги тресе противничките мрежи. Се одликува со брзина, има одлична техника, работи напорно, се она што треба да го има една модерна фудбалерка од висока класа.
Меланија е пред трансфер, голем трансфер во голем европски клуб, веројатно тоа ќе биде следната година кога на крајот од оваа година ќе наполни 18 години. Во меѓувреме таа стана и Абасадор на женскиот фудбал во Македонија, одбрана од УЕФА по предлог на ФФМ.
НЕ ТРАЕШЕ ДОЛГО ТОА СО РАКОМЕТОТ, МОИТЕ РОДИТЕЛИ НАБРЗО СФАТИЈА ШТО САКАМ
⚽Зошто фудбал, а не кошарка или ракомет?
“На мојата 6 годишна возраст од страна на моите родители бев однесена да тренирам ракомет првенствено, целта на родителите им била да ме “дезоринтираат“ од фудбалот, затоа што константно јас им здодевав да тренирам фудбал. Не траеше многу тоа со ракометот, не повеќе од еден месец. Постојано чекав да почнам да шутирам со нога, така ми беше претставено од моите родители, дека треба да научам со рака па подоцна со нога, тоа беше една ненамерна “лага” од нивна страна. Подоцна сфатив дека целта била да ме отргнат од фудбалот затоа што не сакаа нивната ќерка да игра “машки” спорт. Сепак, откако се предомислија и ми дозволија да почнам да тренирам, до денес тие се мојата НАЈГОЛЕМА подршка, Да кажам и тоа дека мојата прва играчка беше мини фудбалско топче“.

⚽За твоите почетоци, од која возраст играш фудбал. Дали на почетокот имаше некои предрасуди од твојата околина дека сакаш да бидеш фудбалерка? Како се справуваше со тоа?
“Моите почетоци во фудбалот се на мојата 8 годишна возраст. Првите почетоци ми беа во фудбалската школа “КУЛ”,каде бев единственото девојче на моја возраст. Премногу брзо се вклопив, на мојот прв натпревар, пријателски, веднаш постигнав два гола , тоа ми беше како “олуја” во грбот за да ги срушам сите “предрасуди” на околината. Да, првенствено секогаш кога ќе ме забележеа со машкиот тим сум слушала муабети како “а бе каде девојче” но тоа беше се до мојот прв контакт со топката. Потоа многу често после натпреварот добивав пофални зборови од родителите кои беа во публиката. Никогаш сум немала проблем со справување за тоа што играм фудбал, едноставно јас бев тоа и сум тоа што сакам најмногу – ФУДБАЛЕРКА“.
⚽Како реагираа твоите најблиски на почетоците од твојата кариера, а како сега кога си веќе етаблирана фудбалерка и репрезентативка на Македонија?
“Реакциите на моите најблиски секогаш биле позитивни, никогаш немам почувствувано негативности, само подршка од сите страни. Искрено, сега веќе нема реакции, сега имам чувство дека ги очекуваат моите резултати“
ФУДБАЛСКАТА ТОПКА КАКО ПОСЕБНА МАГИЈА

⚽Нешто за твоето детство, родена си во Скопје? Кога за првпат и на која возраст ја почувствува магијата на фудбалската топка?
“Да, јас сум родена во Скопје, тука живеам во Општина Кисела Вода. Моето детство се сведува на фудбалот, секако имам другарки од детството, исто така другари од фубалот, другарки голем број од фудбал како и школски пријателки. Магијата на топката…Според кажувањето на родителите, од многу мала возраст, од пред мојата 5 година, константно сум правела “хаос” по дома и во дворот каде што живеам, шутирајќи од мали топчиња до вистинска фудбалска топка. Впрочем како и секое дете, како и секое девојче, нема нешто посебно или специјално, освен тоа што откако знам за себе, фудбалската топка била до мене. Тоа е таа магија“
⚽Сега си член на ЖФК Љуботен? Претходно во кои клубови си играла?
“Моментално сум во ЖФК Љуботен, претходни мои клубови се ЖФК Скопје 2014 и ЖФК Истатов. Инаку потекнувам, како што кажав од ФК “Кул” со момчињата до мојата 13 годишна возраст, кога морав да преминам во женски клуб. Тоа се накусо клубовите во мојата досегашна кариера“.

⚽Успеси во твојата досегашна кариера? Си била прогласувана за најдобра млада фудбалерка на Македонија?
„Успеси во мојата кариера до 13 години биле со момчињата второ место во Детската фудбалска лига на ниво на Македонија. Имам доста признанија за најдобар играч, стрелец по турнири. Кога преминав во ЖФК Скопје, најдобар стрелец во младински и кадетски категории. На меѓународен турнир до 17 години со репрезентацијата, во Италија бев најдобар стрелец. Исто така признание од Општината за подвиг во спортот 2026 Општина Кисела Вода. Потоа најдобра млада фудбалерка во лигата, секако дека тука е повикот за А- репрезентација на 16 години кој за мене има големо значење. Да се пофалам дека оваа година сум и Абасадор на Женскиот Фудбал во Македонија, одбрана од УЕФА по предлог на ФФМ“.
ГОРДА СУМ КОГА ИГРАМ ЗА МАКЕДОНИЈА

⚽Секако дека си горда и какво е чувството кога играш за репрезентацијата?
“Со ЖФК Љуботен немам интернационален настап официјален,само пријателски натпревари.Имам доста интернационални настапи со репрезентацијата на Македонија. Од мојата десетгодишна возраст сум повикана од страна на Добре Димовски првпат за У-15 каде и бев најмлада но капитен на таа генерација. На мои 14 години веќе бев дел од У-17, каде што на 16 години под раководство на селекторот Кирил Изов придонесов со неколку погодоци, а може и клучен гол за реми против Словенија за пласман во елитната фаза во квалификациите. Истата година на истата возраст од страна на селекторот Александар Андов добив доверба за деби настап во А селекција. Имам многу драги моменти,секој момент и настап за репрезентацијата е за паметење. Моментално голот против Андора во квалификациите ми е посебен момент, како најмлад играч кој постигнал гол во овие квалификации. Јасно е дека сум горда дека играм за својата земја, кога играш за Македонија чувството е посебно. Тоа треба да се доживее, не можеш така лесно со зборови да го опишеш“.
⚽Си била во кампот на Ц.Звезда? На 14 години си била дел од младинскиот тим на Варбејен од Германија?
„Да, сум посетувала доста кампови. Камп на Реал Мадрид, камп на Јувентус, камп на Деки 5 (Златибор), камп на Хофенхајм (Германија). Потоа тренинзи во Карлсруе Германија, камп Варбејен. Што се однесува до Варбејен, бев таму и челниците на клубот покажаа ентузијазам да ме доведат, но за жал законските регулативи и мојата возраст тоа не го дозволија. До мојата 18 година е невозможно, за било каде. Тоа секако дека е голем хендикеп не само за мене, туку и за сите од нашата земја. Црвена Звезда е едно искуство повеќе каде имам тренирано и играно младински меч со нив, бев забележана додека престојував на кампот во Златибор и бев повикана од страна на претседателката Сандра Сремчевиќ. Се разбира задоволството беше огромно. Кажано ми беше дека мене вратите секогаш ќе ми бидат отворени. Тоа е голема чест за мене. Ц. Звезда е голем клуб на Балканот“.
ЈУВЕНТУС Е НЕКОЕ ПОСЕБНО НИВО

⚽Пред неколку месеци искочи информација дека гигантот Јувентус се заинтересирал за тебе? Како ја прими таа вест, и како беше да си дел од кампот на еден таков клуб?
“Точна е информацијата и ситуацијата околу Јувентус. Морам да напоменам дека мојата менаџерска агенција ДМ Менаџмент и менаџерот Дарко Мариќ, се заслужни за сето тоа. Преку остварен контакт со него, јас бев повикана на седум дневен престој во еден од поголемите клубови во Европа. Веста ја примив со неверување искрено, бев позитивно изненадена, тоа беше за мене вистински момент во вистинско време. Да бидеш во клуб како Јувентус сега сфатив што значи тоа. Професионализам на највисоко ниво, услови, сето тоа е ниво од различни размери. Големо, преголемо искуство и прекрасно чувство за мене. Видов на лице место што значи тежина на голем клуб“.
⚽Славниот новинар Руди Галети, говори во суперлативи за тебе. Напомена дека би можело патиштата на Меланија и Јувентус наскоро да се спојат?
“Секако дека имаше и има “инсајдерски” информации. Не кријам дека е убаво кога некој со такви зборови коментира за тебе. Можам да кажам дека импресиите од страна на стручниот тим во Јувентус беа видливи, исто така добив доста позитивни критики. Покажаа интерес за во иднина, но повторно возраста и законите се пречка, потребно е полнолетство за професионален договор“.

РОНАЛДО И РЕАЛ МАДРИД
⚽Во светот на фудбалот за кого навиваш од европскте клубови?
“Мојата “прва љубов“, мојата инспирација и водилка бил Кристијано Роналдо. Со оглед на тоа дека во тој период тој беше во Реал Мадрид, можам да кажам дека токму Реал е еден од моите омилени клубови“.
⚽Меси или Роналдо?
“Несомнено, Кристијано Роналдо…“

⚽Кои се твоите амбиции во иднина? Каде се гледаш за 5-10 години во фудбалската кариера?
„Мојата амбиција е непроменета, одлучна и желна сум да што поскоро заиграм во некој голем европски клуб. Секако дека и со репрезентацијата на Македонија да имаме успеси“.
⚽Ако можеш да опишеш еден твој работен ден? Тренинзи, школо, приватен живот, како тоа успеваш да го споиш и да бидеш успешна млада дама а притоа и елитна спортистка?
“Мојот ден е како на сите останати тинејџери. Приоритет давам на моите тренинзи, на училиште сум вонредно со цел за повеќе да се посветам на дополнителни тренинзи. Наоѓам време да испијам кафе со моите другарки секогаш. Работам на тоа да бидам вистински пример и инспирација за младите во женскиот фудбал“ заврши Меланија Грозданова.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на Македонија, Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН, Гранд Ауто и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





