Под мотото „Сите на Водно!“, викендов се одржа 14-тото издание на спортската манифестација „Прв до врв“, која и оваа година го претвори Водно во најголемата спортско-рекреативна сцена во земјата. Со повеќе од 4.500 учесници од Македонија и од странство, настанот уште еднаш ја потврди својата позиција како најмасовно организирано планинско искачување во регионот и еден од најзначајните спортски настани на отворено кај нас.
Во петте натпреварувачки категории – планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, e-bike трка и тим-билдинг трка за компании – учесниците покажаа спортски дух, издржливост и силна мотивација, но пред сè испратија моќна порака за заедништво, здрав живот и позитивна енергија.

Ова се победниците во овогодинешното издание:
Во трката планинско трчање, во машка конкуренција, прв до врв беше Ивајло Атанасов од Бугарија, додека во женска конкуренција најбрза беше Благица Јованова.
Во категоријата планински велосипедизам, кај мажите победи Петар Колеќевски, а кај жените прва до целта пристигна Маја Илиевска.
Во друмски велосипедизам, најбрз во машка конкуренција беше Константин Костоски, додека кај жените триумфираше Елена Петрова.
Во e-bike категоријата најбрзи беа Дарко Блажески и Елена Зарковска.
Во тим-билдинг трката, првото место го освои тимот на ВДЛ Ван Хоол Македонија, второто место го освои Axapta Masters, а третопласирани беа ИПА Скопје.










