Осмо издание на Охрид Ултра-Треил 2026 РЕКОРДНИ 920 ТРКАЧИ ОД 40 ДРЖАВИ ЌЕ ТРЧААТ НА ГАЛИЧИЦА

25

Трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил на годинашното издание ќе донесе рекорден број учесници, 920 тркачи од 40 држави од целиот свет.

Интересот за настанот и оваа година бележи значителен раст, потврдувајќи го Охрид Ултра-Треил како еден од најзначајните настани во планинско трчање во регионот. Тркачите ќе настапат на патеките низ Националниот парк Галичица и крајбрежјето на Охридското Езеро, кои нудат уникатна комбинација од планински терен, технички предизвици и автентична природна убавина.

Меѓу пријавените има и рекреативци кои ќе ги направат своите први чекори, но и искусни натпреварувачи со меѓународно искуство и високи ITRA рангирања.

„Горди сме што Охрид Ултра-Треил продолжува да расте и да привлекува учесници од целиот свет. Довербата што ја добиваме од тркачката заедница е огромна мотивација за целиот организациски тим“, велат организаторите.

Во петок, на 22 мај, во спортскиот комплекс „Климент Колески“ во Охрид ќе се одржи официјалното Expo отворање на Ohrid Ultra-Trail 2026, кое ќе претставува централна точка за собирање на тркачите, партнерите, волонтерите и посетителите пред стартот на трките. Во рамки на Expo програмата ќе биде организирана и официјална прес-конференција на која организаторите ќе ги претстават деталите за годинашното издание, учесниците, безбедносните и логистичките аспекти, како и значењето на настанот за спортскиот туризам и промоцијата на Охрид и Националниот парк Галичица. Сите останати Expo активности и распоредот за подигнување стартни пакети ќе се одвиваат согласно официјалната програма на настанот.

Тркачкиот викенд ќе се одржи на 22 и 23 мај 2026 година во Охрид и Националниот парк Галичица, со шест различни трки кои опфаќаат неколку категории во планинско трчање.

Во програмата на Охрид Ултра-Треил 2026 се вклучени:

Охрид Ултра-Треил 105K — 105 километри / 4.850 м D+
Старт: 22 мај 2026 во 23:00 часот од плоштад Охрид
Пријавени учесници: 78 тркачи

Галичица Ултра 65K — 65 километри / 3.350 м D+
Старт: 23 мај 2026 во 07:00 часот од Св. Наум
Пријавени учесници: 110 тркачи

Самотска Треил 42K — 42 километри / 1.950 м D+
Старт: 23 мај 2026 во 08:30 часот од Св. Наум
Пријавени учесници: 220 тркачи

Летница Треил 21K — 21 километар / 1.100 м D+
Старт: 23 мај 2026 во 10:30 часот од Велгошти
Пријавени учесници: 290 тркачи

Рамне Треил 10K — 10 километри / 350 м D+
Старт: 23 мај 2026 во 11:30 часот од Велгошти
Пријавени учесници: 200 тркачи

GTOF Trail – Juniors 10K — трка за млади учесници од 13 до 18 години.

 

ПретходноГерсон Родригез, од супер талент до осуденик, тепач, „ноќна птица“…
СледноГолемиот спортски настан „Денот на спортот“ пристигнува во Штип