Арсими – Струга ТЛ 1:0 е исходот од попладневниот прв меч од последното коло во тековната сезона, кој се одигра во Гостивар. Победничкиот гол беше дело на Бешагиќ во 47.минута.
Ова беше победа за Арсими со која може да заврши и како петти на крај,што не е лошо за еден дебитант во елитата. Ова за Струга ТЛ беше четврти меч во низа на кој се поразени, но сепак на крајот ќе завршат како трети во сезонава.
Меч без некој посебен резултатски притисок, кој го добија домашните, а Струга ТЛ, посебно Малески, и тоа како имаше шанси барем за реми.
Се започна со шансата на Малески во 8.минута, но домашниот голман беше на своето место. Нешто слично на другата страна само две минути подоцна, но по шутот на Велија, гостинскиот голман Ангелети одбрани.
Гафури во 16.минута шутираше високо над голот, додека Струга ТЛ преку Зенделовски во 21.минута можеше да поведе, но ништо од тоа.
На пауза се замина без голови, 0:0.
Сепак само што започна второто полувреме, се играше 47.минута кога Бешагиќ со убав удар со глава донесе 1:0 за Арсими.
Во продолжение од средбата Струга ТЛ тргна во јалови напади, а домашните беа и тоа како опасно преку контранапади, имаше и две шанси за удвојување на водството.
Посебно Селмани кога по киксот на Ангелети, не успеа да погоди речии празен гол, на другата страна Малески повторно се закани, но и сега без успех.
Стружани се трудеа, сакаа да дојдат до израмнување, но едноставно далеку е ова издание на тимот кој до пред извесно време беше најдобар во Македонија.
Во 84.минута Малески конечно погоди, но сепак голот не беше признат поради офсајд, па така останаа тие 1:0 за Арсими.















