Македонската репрезентација ги започна подготовките за претстојниот пријателски натпревар против Босна и Херцеговина. Фудбалерите, предводени од Гоце Седлоски, го одработија првиот тренинг.
Нашите репрезентативци потенцираат дека, и покрај тоа што станува збор за пријателски натпревар, пристапот и мотивот остануваат на највисоко ниво кога се носи дресот на Македонија.
„Кога доаѓаме во репрезентацијата на Македонија, не постојат пријателски натпревари. Тука сме да го дадеме максимумот и да покажеме дека заслужено го носиме македонскиот дрес“, истакна македонскиот репрезентативец Јани Атанасов.
Фудбалерот од средниот ред на грчка Лариса вели дека и новите имиња во тимот имаат квалитет и потенцијал да придонесат за идните успеси на селекцијата.
„Верувам дека селекторот ги избрал вистинските фудбалери. И ние пред неколку години дојдовме како нови играчи, дадовме сè од себе и се надевам дека сите заедно ќе продолжиме да туркаме кон големи успеси“, додаде тој.
Македонија ќе се соочи со репрезентацијата на Босна и Херцеговина, која зад себе има успешен квалификациски циклус и пласман на Светското првенство.
„Босна и Херцеговина покажа квалитет и одигра одлични квалификации. Станува збор за силна и квалитетна репрезентација, но ние одиме да се надигруваме и да се подготвиме за победа”, порача Атанасов.










