Олимпискиот комитет на Србија беше домаќин на третиот транснационален состанок во рамките на меѓународниот проект „iRecover“, на кој учествуваа претставници на партнерските организации од Шпанија, Словенија, Италија, Холандија и Кошаркрската федерација на Македонија.
Во текот на работниот дел од програмата, одржан во просториите на Олимпискиот комитет на Србија, партнерите направија пресек на досегашните активности и резултати од проектот, разговараа за развојот на дигиталната апликација наменета за закрепнување на спортистите, како и за претстојните фази на пилотирање и идните проектни активности.
Попладневниот дел беше посветен на Мултипликаторскиот спортски настан, организиран во Европската куќа во Белград, кој го отвори генералниот секретар на Олимпискиот комитет на Србија, Дејан Бојовиќ.
На настанот присуствуваа спортисти, тренери и претставници на спортската заедница, кои имаа можност подетално да се запознаат со целите на проектот „iRecover“ и неговото значење за унапредување на процесот на закрепнување по тренинзи и спортски повреди.
Во рамките на стручната програма беа реализирани предавања посветени на суплементацијата во функција на закрепнувањето, современите методи за рехабилитација на спортистите, како и процесот на враќање во спортот по повреди и заболувања. Своите искуства и експертиза ги споделија м-р Јелена Рашиќ Ожеговиќ, проф. Митхат Благајац и проф. Небојша Митровиќ.
Посебен акцент беше ставен на активното вклучување на спортистите и тренерите во процесот на тестирање на апликацијата, со цел развивање на иновативно и практично решение кое ќе придонесе за подобро зачувување на здравјето, побрзо закрепнување и подобрување на спортските перформанси кај младите спортисти.










