Антонио Столевски е новиот херој на Шкендија Арачиново. Голманот кој вчера на епскиот бараж за пласман во ПМФЛ против Пелистер беше фантастичен, и не само во пенал – серијата кога на битолчани им одбрани три пенали, туку и поради се она што го одбрани во текот на регуларниот дел од средбата во Кавадарци и ја донесе победата.
А фановите на овој клуб како и сите во Арачиново, тоа знаат да го ценат, па затоа на официјалниот ФБ профил на клубот има пост – Столевски е ИКОНА на Арачиново.
Симпатично секако, а тоа е уште еден доказ колку се сака фудбалот во оваа скопска општина и колку се сакаат фудбалерите на Шкендија Арачиново.
Да не говориме дека синоќа на прославата откако фудбалерите и стручниот штаб се вратија од Кавадарци, токму сите сакаа да го прегрнат голманот, сите сакаа да го качат на раменици и заедно да му се израдуваат на овој фантастичен успех на клубот од Арачиново кој следната сезона ќе игра во елитната лига на Македонија.
Ете, значи можело. Можело Македонец да биде херој на Арачиново, да биде икона на Шкендија (А).
Токму затоа – ФУДБАЛОТ ОБЕДИНУВА.















