Скопје ги обедини европските минибаскет експерти

47

Скопје од денеска до 7 јуни е европски центар на минибаскетот, откако Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА Европа и Фондацијата ФИБА, е домаќин на 11. издание на Европската конвенција за минибаскет.

На престижниот настан учествуваат тренери, едукатори и спортски работници од бројни европски земји, кои секојдневно се посветени на развојот на најмладите кошаркари и кошаркарки. Главната цел на конвенцијата е преку размена на искуства, современи методологии и практични примери да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски и личен развој.

Во текот на четиридневната програма ќе бидат реализирани предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти од областа на минибаскетот.

На отворањето на конвенцијата присутните ги поздрави Мајкл Шварц, одговорен за тренерските едукативни програми во ФИБА Европа, кој им посака успешна и продуктивна работа на сите учесници.

Првиот работен ден започна со предавањето на Маурицио Кремонини, кој ги претстави основните принципи, вредности и значењето на минибаскетот во процесот на развој на младите спортисти.

Во попладневниот дел од програмата планирано е одржување на интерактивни дискусии и работни сесии меѓу предавачите и присутните тренери, кои ќе се реализираат во хотелот „Парк“ во Скопје.

Организацијата на Европската конвенција за минибаскет претставува уште едно значајно признание за македонската кошарка и потврда за посветеноста на Кошаркарската федерација на Македонија кон развојот на младинските категории. Воедно, настанот ја потврдува довербата што ФИБА ја има во македонската федерација и нејзините активности насочени кон создавање квалитетна основа за идните генерации кошаркари и кошаркарки.

ПретходноПрвиот човек на Фенербахче ќе лежи во затвор
СледноСе подготвува мега трансфер во Тетово: Шкендија тргна по Компаоре