Тениската репрезентација на Македонија со победа против Молдавија го почна првиот дуел од Третата Европска група од Дејвис купот. Во првиот сингл меч Калин Ивановски го победи Иља Снитари со 2-1 во сетови и со тоа му се реваншираше за ланскиот пораз во истото натпреварување во Скопје. Мечот траеше 2 часа и 15 минути.
Првиот сет го доби Снитари со 6:4 во гемови, откако резултатот беше изедначен до 4:4. Во десеттиот гем на сервис на Ивановски противникот направи брејк откако нашиот тенисер имаше две двојни сервис грешки од четири колку што ги имаше во мечот. Сепак тоа како да му даде психичка сила на Ивановски, кој во вториот сет првиот брејк го направи во петтиот гем за водство од 3:2, а потоа и во деветтиот гем за 6:3 во вториот сет и 1-1 во сетови. Во продолжение Снитари побара пауза за тоалет, а во решавачкиот сет Ивановски поведе со 3:0 во гемови, а следуваше медицинска пауза за тенисерот од Молдавија. Ивановски продолжи со добрата игра и поведе со 5:0 кога ривалот го освои единствениот гем и ја прекина серијата од седум гема на Калин Ивановски. До крајот македонскиот тенисер со рутинска игра го заврши сетот со 6:1 во гемови за водство од 1-0 за македонскиот национален тим.
Во тек е вториот сингл меч меѓу Олег Приходко (Украинец кој настапува со македонски пасош) и Раду Албот.
На крајот од денешната програма е предвиден мечот во двојки и засега се пријавени истите тенисери како и во сингл мечевите.










