Леонида Гроздановска: Коњичкиот спорт е место каде што жените и мажите се еднакви!

40
Фотографиите се лична архива на Леонида Гроздановска

Огнен Дојчиновски

„Женски Спортски Приказни“, не се само повод да се напише некој ред повеќе за дамите во спортот туку е причина повеќе од нив да се направи четиво вредно нечиј спомен засекогаш.

Нивната мисија е промоција, будење свест, награда за трудот и поттик за понатамошна борба.

Во спортот некогаш таа борба, битка е олицетворена во грациозност, елеганција, раскош. Спортовите како уметничко лизгање, скокови во вода, се многу повеќе од само натпревар, туку се моменти на чиста уметност.

Коњичкиот спорт е синоним за тоа. Најелегантното суштество кое некогаш постоело на планетата, коњот, вкомпонирано со талентот и квалитетот на човекот кој што заедно со него се обидува до постигне врвен резултат е комбинација достојна да се нарече спорт на елитата.

„Светот кој што јас го познавам е тесно поврзан со коњите. Моето семејство, родителите, нивните родители, со децении се бават со коњички спорт, па со оглед дека јас се родив и израснав во таква средина природно беше коњичкиот спорт да стане и моја пасија“, го започнува разговорот со „Женски Спортски Приказни“, Леонида Гроздановска, најквалитетната македонска претставничка во овој спорт.

„Уште од самото мое раѓање и самото осознавање на светот тој беше поврзан со коњите. Несвесно тоа претставуваше нешто нормално и нешто секојдневно. Истото се случи и со првите натпревари. Како мала едвај дочекав да наполнам десет години за да можам да се натпреварувам. Моите родители ме поддржуваа и ме учеа да бидам со коњите од сите можни аспекти, од грижа, дружење, така и за јавање“, вели Гроздановска околу тоа како и на кој начин се случи таа да дел од оваа приказна.

Колку е тешко да се биде натпреварувач во коњички спортови во Македонија?

„Генерално коњичкиот спорт претставува еден сериозно тежок спорт. Бара многу одрекувања, многу ангажман и многу вложувања. Иако овој спорт се смета за индивидуален спорт, сепак не станува збор за тоа, затоа што ти како натпреварувач не си сам во натпреварот. Имаш партнер, кој што е животно и со кого не може да разговара и не може да ти каже дали е денеска расположено или не. А ти мора да направиш конекција или симбиоза со него за да го почувствуваш дали денеска е тој расположен, дали нешто го боли или му смета, дали е изморен, или премногу енергичен. Исклучително важен момент“.

„Во Македонија коњичкиот спорт нема некоја преголема популарност, бидејќи овој спорт претставува еден од најскапите спортови. Пред се самиот коњ. Грло кое што е подотвено за натпревар чини многу. Грижата околу него, опремата. Тоа се сериозни финансиски средства. Учествата на натпреварите исто така може да претставуваат сериозни финансиски оптеретувања, како и потешкотиите за транспортот на коњите. Затоа коњичкиот спорт во Македонија не е премногу застапен. Меѓутоа имаме неколку клубови коишто го одржуваат, и неколку јавачи коишто успеваат да излезат на балканските шампионати и на светските купови што се одржуваат во близина во околинава како што е Грција, Бугарија, Србија, Албанија“, појаснува младата македонска натпреварувачка во коњички спортови.

Какви се условите за овој спорт во Македонија, и со какви предизвици се среќаваат натпреварувачите во коњички спортови?

„Условите не се најдобри и тоа е факт. Во соседството има подобри каде што седалеку поактивни во овој спорт. Имаат многу подобри центри, со подобри терени, повеќе стручни лица како ветеринари, ковачи, тренери, и многу други експерти во коњичката сфера. Кај нас според можностите кои ни се достапни, се одлучуваме за поефтината солуција на терен, кој што ни го ограничува прескокнувањето на пречките, висините на пречките, затоа што теренот не е соодветен за такви висини. Меѓутоа, кога се натпреваруваме во овие држави каде што имаат добри терени, добра подлога, таму користиме шанса да го подигнеме нивото на јавачите и на нашите коњи. Транспортот на коњите е посебен предизвик. Надвор од државата за учество на интернационални натпревари, главниот проблем е во процедурите за влез во ЕУ. Патувањата пред се за самите коњи претставува момент на стрес, кој може да ги оптерети и физички и психички. Нормално, тоа се случува пред сам натпревар, што влијае на перформансот, резултатот, на се. Само како илустрација, на последниот натпревар во Грција, моравме да патуваме преку, Србија, Бугарија, за да потоа направиме влез кај нашиот јужен сосед. Конечно, недостатокот на стручни лица за потребите на спортските коњи, претставува уште еден предизвик во спортот“, појаснува Гроздановска, што се е потребно за да се биде само дел од овие коњички натпреварувања.

Кога гледам како се третирани јавачите во соседството, многу се обесхрабрувам

„За жал во целина, се се сведува на нас. На товар на родителите или на сопственикот на коњот. Затоа што јас лично јавам и свој коњ, меѓутоа јавам и коњ кој што има свој сопственик со кој градиме некаков тим за да учествуваме на меѓународни светски натпревари. За жал од државата добиваме многу малку поддршка. Федерацијата не е толку моќна за да понуди некаква поголема помош. Јас сум сепак свесна за условите, на нашата држава и на нашата федерација и за тоа колку можат да одвојат. Меѓутоа за жал кога разговарам со моите колеги од соседството, кои примаат многу повеќе бенефиции, како финансиски, така и преку одржување на семинари и кампови за јавање, тоа многу ме обесхрабрува“, реална е Гроздановска во поглед на тоа што Македонија како држава прави за да се обезбедат подобри услови за неа, нејзините колеги и воопшто коњичкиот спорт во целина.

Да се вратиме на ведрите теми. Каков е начинот на натпреварување во коњичкиот спорт?

„Натпреварите се делат во неколку категории. Турнир е неофицијален натпревар кој што го одржуваат самите клубови, и тој натпревар кој не е официјален за било какво бодување туку е само обичен натпревар во којшто се доделува прво, второ и трето место. Државни натпревари се натпревари во кои се натпреварувачите на нашата држава се натпреваруваат низ текот на годината со цел да освојат бодови, со кои понатаму може да се квалифицираат за натпреварување на некои интернационални натпревари. Постојат шампионати, како на пример Балканскиот шампионат, Европски шампионат, каде што има категори деца, јуниор, сениор, млади јавачи и тимски натпреварувања. Конечно, инатенационалните натпревари кои во коњичкиот свет се регулирани од FEI (Меѓународната федерација за коњички спортови) или така наречени CSI натпревари, кои може да се квалифицираат според тежина од CSI 1-5 ѕвезди. Grand Prix турнири се натпревари кои генерално се одржуваат на последниот ден од натпреварувачкиот викенд, во кој што треба да се кавалификуваш од претходно за да успееш да се натпреваруваш. Ова се најтешките натпревари што се одржуваат во натпреварувачкиот викенд и се голем предизвик“, појаснува Гроздановска за пошироката публика околу тоа како функционира коњичкиот спорт, па во еден здив продолжува.

Интересен факт, мажите и жените се во иста конкуренција…

„Натпреварачкиот дел на овој спорт е многу интересен затоа што овој спорт е единствен спорт во кој што мажите и жените се натпреваруваат во иста конкуренција. Бидејќи овој спорт не е спорт во којшто треба сила, туку е потребно добро чувство, доста храброст, да се има чувство за комуникација со својот партнер, односно со коњот. Има опција на Балканијада да се натпреваруваш само во конкуренција на жени(амазонки). Меѓутоа таа квалификација во светот не постои и посоти само на балканскиот шампионат. Јавањето е спорт во кој што нема старосно ограничување. Во моментов еден од најдобрите светски јавачи Џон Витакер има 70 години и сеуште се натпреварува во CSI5 ѕвезди натпревари и сеуште има капацитет да победува“.

И покрај условите, успесите се тука…..

„Околу моите резултати можам да кажам дека на домашна сцена сум доста успешна. Четири години бев државен првак во категорија деца, три години бев државен првак во категорија јуниори и сега две години сум државен првак во категорија сениори. Можам да истакнам дека сум учествувала на многу меѓународни натпревари коишто се под покровителство на светската коњичка федерација, јас сум рекордер во нашава држава со број на настапи. Вкупно до сега имам 98 настапи во интернационалните натпревари одржувани од FEI, меѓутоа имам учествувано и на национални натпревари во Република Хрватска каде имам освоено едно прво и едно второ место. Во Република Србија исто така имам освоено неколку први и втори места. Бугарија и Албанија исто така се места каде што често се натпреваруваме и сум трофејна. Рекордер сум во македонски услови со учевства на Балканските првенства. За да се учествува таму, треба да се исполнат некакви критериуми во нашата федерација за да ти биде овозможено да се натпреваруваш на тоа ниво. Од 2018 не учевствував само на две Балкански првенства, пред се поради Туција како домаќин, затоа што патот до таму беше прекомплициран за транспорт“, истакнува Гроздановска.

Што е следно од Леонида Гроздановска и нејзиниот пат во коњичкиот свет?

„По природа сум исклучително амбициозна. Роден натпреварувач. Секако дека планирам да напредувам, да работам и да се посветам уште повеќе на овој спорт. Во минативе два викенда се натпреварував за првпат во CSI3 ѕвезди, во принцип, се натпреварувам во CSI1 или во CSI2 ѕвезди. Меѓутоа мојата желба е да се натпреварувам во CSI4 и CSI5 ѕвезди натпреварувања каде што се најдобрите светски јавачи, но во таа конкуренција тешко се влегува, потребно е многу средства да се вложат, многу труд и многу добар партнер за да стигнеш до тоа ниво. Меѓутоа имајќи во предвид дека јавањето не е спорт во којшто се битни годините, сметам ќе дојдат моите пет минути за да ја остварам својата желба“, поентира најдобрата македонска претставничка во коњичките спортови.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноТажна вест: Почина легендата и душата на спортските терени – Срцка
СледноЕсмир Хасукиќ е новиот напаѓач на Силекс