Викторија Спасовска: Во таеквондо местото се заслужува со труд, дисциплина и одговорност, а не според полот

38
Фото: Архива на Викторија Спасовска

Огнен Дојчиновски

Серијалот „Женски Спортски Приказни“ продолжува да биде присутен со својата една и единствена мисија – промоција на жените во спортот, кои секојдневно ги пробиваат границите на таканареченото невозможно. Напротив, невозможноста е само повод, причина да се оди напред и да се поместуваат бариерите кои, всушност, постојат само за да бидат срушени.

Тема на денот овојпат е уште еден боречки спорт кој кај нас, на огромно задоволство, е еден од најуспешните. Спорт што ѝ донесе на Македонија олимписко одличје и огромна радост пред само неколку години.

Таеквондото е релативно кратко време присутно кај нас, но и за тој период успеа да прерасне во нешто што слободно може да се нарече национален спорт. Сребрениот медал на Дејан Ѓорѓиевски на Олимписките игри во Токио 2021 сè уште ни е свеж во меморијата, а на секој ваков голем настан потајно се надеваме на нов сличен успех.

Викторија Спасовска е девојка која уште од најмала возраст ја зафати „таеквондо манијата“ во скопската населба Бутел, каде успешно функционира истоимениот клуб, во кој таа денес работи како тренер. Спасовска е дел од ТК Бутел, како и од македонската репрезентација, па од самиот почеток од неа бараме конкретен одговор – како една девојка влегува во спорт како што е таеквондо?

„Сосема спонтано. Најблискиот спортски клуб до мојот дом беше токму таеквондо клуб, па по препорака и идеја на моите родители дека секое дете од најрана возраст треба да се занимава со спорт за правилен раст и развој, започнав да тренирам таеквондо. Она што почна како практичен избор, со текот на времето прерасна во начин на живот и главна животна преокупација“, вели Спасовска на стартот на нејзиното интервју за Женски Спортски Приказни.

Нешто што почна како забава, прерасна во животен стил. Сепак, таеквондото е боречки спорт за кој жените не така често се одлучуваат. Какво е искуството на Спасовска?

„Спортскиот начин на живот што го живеам денес е последица на мојот раст и развој во таеквондото, а не обратно. Приказната започна како забава, а мотивацијата на моите родители беше да развивам моторички способности и самодоверба.

Што се однесува до поделбата на „машки“ и „женски“ спортови, искрено, никогаш не сум ја почувствувала во таеквондо. Во овој спорт никогаш немало посебни услови, тренинзи или привилегии врз основа на полот. Сите тренираат заедно, сите имаат исти права и исти обврски. Секој го добива своето место според трудот, дисциплината и одговорноста, а не според тоа дали е машко или женско.

Искрено, освен неколку тренинзи во ракомет и одбојка кои ги пробав како дел од интересот на моите врсници, никогаш не сум почувствувала поголема поврзаност со друг спорт освен со таеквондо. Тоа многу рано стана прв, а потоа се покажа и како единствен мој избор“, продолжува во ист стил Спасовска.

Натпреварувач се стреми да биде шампион, тренерот да создаде шампион

Викторија Спасовска веќе извесен период е сериозно посветена на улогата на тренер како во ТК Бутел, така и во националните репрезентации, и машка и женска. Што значи да се има ваква одговорна улога, особено кога станува збор за млади категории?

„Единствената заедничка точка помеѓу натпреварувачот и тренерот е спортот како систем, сѐ друго е различно. Натпреварувачот се стреми да стане шампион, а тренерот да создаде шампиони. Тоа е суштинската разлика.

Како натпреварувач сте фокусирани на сопствениот настап, на задачите кои ви се поставени и на дисциплината потребна за нивно исполнување. Како тренер, одговорноста е многу поголема. Не е доволно само да го пренесете техничкото знаење. Треба да препознаете потенцијал, да изградите карактер, да влеете самодоверба и да ги водите спортистите низ сите предизвици што ги носи спортот.

За мене, најголемиот успех на еден тренер не се медалите, туку луѓето што ги создал по патот до нив. Тренерот не создава само шампиони во спортот, туку и луѓе со вредности кои ќе придонесуваат за себе и за општеството“, вели Спасовска, која потврдува дека е многу потешко да се биде едукатор отколку ученик.

ТК Бутел и таеквондо репрезентациите практикуваат елитен спорт од највисоко ниво

Сепак, за да се биде врвен натпреварувач, врвен тренер и дел од врвен клуб, потребни се соодветни услови. Талентот е едно, но начинот и пристапот кон работата се нешто сосема друго. Дали овој спорт во Македонија има реални услови за работа?

„Нивото на кое се работи во ТК Бутел е ниво на врвен, елитен спорт. Олимпискиот пат што клубот го изоде, и кој сѐ уште го чекориме, е исклучително пожртвуван и макотрпен. Во таков систем често приватниот живот е оној што трпи најмногу.

Затоа сум неизмерно благодарна на најблиските кои со години имаат разбирање и трпение за сите обврски што ги носи оваа спортска приказна. Што се однесува до работните обврски, од лично искуство можам да кажам дека клучот е во добрата организација и управувањето со времето. Секако, голема улога има и поддршката од работниот колектив, која никогаш не изостанала кога било потребно да бидам надвор од државата. Искрено сум благодарна за тоа“, категорична е Спасовска која во 2024 година беше прогласен за најдобар тренер во македонското таеквондо.

Таа додава дека кога сте дел од клуб како ТК Бутел, успесите на домашно и меѓународно ниво се секојдневие и континуитет, но и доказ дека се работи правилно.

ТК Бутел е лидер во македонскиот спорт

„Кога сте дел од клуб како ТК Бутел, кој е лидер во македонскиот спорт и единствен клуб што континуирано се движи по олимписката траса, тешко е да се зборува за индивидуални успеси. Иако таеквондо формално е индивидуален спорт, зад секој резултат стои цел систем и многу луѓе.

Јавноста веќе добро го познава олимпиското сребро на Дејан Георгиевски, освоено под водство на Борче и Дарко Костовски. Но зад нас се и речиси две децении исполнети со медали од Гранд При финалиња, европски првенства, Европски олимписки игри, Медитерански игри, европски и светски младински првенства, како и безброј одличја од светските купови.

Особено е важно да се напомене дека, иако Дејан е лидер на тимот според резултатите, успесите не се дело на еден спортист, туку на цела плејада нови генерации кои веќе се дел од светскиот врв. Од девојките тука се Ведрана Тунески, Анамарија Георгиевска, Ана Стојановиќ и Сања Поповска, како и Филип Блажевски, кој е исклучителен оваа сезона и сериозен кандидат за ЛА28, Андреј Василевски, Дарко Георгиев и Теодор Стојановски. Веќе имаме голем број нови имиња од помладите генерации, што говори за континуитет во успесите на клубот“, поентира Спасовска.

Ова не е само клуб, ова е едно големо семејство

Конечно, како ТК Бутел стана центар на случувањата во тој дел од главниот град? Како една населба се поврза толку силно со спорт кој не е типичен за ова поднебје? Што значи ТК Бутел за Викторија Спасовска?

„ТК Бутел за мене не е само спортски клуб. Тоа е место каде што се развивав како тренер и како личност. Тоа е систем во кој секој има своја улога, но и чувство на припадност. Секој е тука за секого, секој го дава најдоброто од себе за да му помогне на другиот да го достигне својот потенцијал.

А што се однесува до „таеквондо-манијата“, мислам дека таа доаѓа од страста што сите ја имаме кон овој спорт. Кога со години вложувате време, труд, емоции и верба во една заедничка цел – олимпизам – таеквондо престанува да биде само спорт. Станува начин на живот. Токму таа посветеност е она што го прави ТК Бутел толку посебен“ – потенцира таеквондо тренерот Викторија Спасовска.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноПремиер лига: Арсенал стартува против новајлијата Ковентри, дерби на стартот Њукасл – Ливерпул
СледноОдличен почеток на женската селекција У17 на турнирот во Букурешт