Недозволиво е за 15-20 минути да примиш 4 гола, Канада покажа дека има квалитет

75

Зад нас се четири натпревари, сите од вториот круг на тековниот шампионат. Уште еден ден богат со голови, на сите имаше барем по еден, а белег на денот е убедливиот пораз на БиХ од Швајцарија и секако и голеадата на Канада против Катар, како и повредата на Коне за кого заврши Мундијалот.

Денеска гостин на рубриката “Коментар на денот“ е нашиот редовен коментатор Артим Шаќири.

-Чешка имаше водство, но на крајот сепак одигра 1:1 со Ј.Африка…

Не ме изненади тој резултат, Чесите сами си се виновни. Уште еднаш на ова СП се покажа дека е многу опасно да имаш 1:0 а потоа со сите сили да се браниш. Имено се случуваат грешки во одбраната, се игра судиско продолжение од 6-7 па повеќе минути. Сепак, едно е да се коментира вака од страна, а сосема друго кога си на терен“.

-БиХ се држеше до 75.минута потоа се распадна…

Едно се симпатиите кон таа селекција, а сосема друго е реалноста. Имено недозволиво е да се примат дури 4 гола за 15-20 минути. Факт е дека оваа селекција на БиХ игра со дефанзивен стил, но исто така факт е дека има и доста грешки во таа одбрана. Иако Швајцарија според мене не е таа Швајцарија од некои други времиња, сепак со својата офанзива успеа да дојде до убедлива победа. Кога веќе правиш измени тие треба да бидат на подобро, како кај Швајцарците. Исто така факт е дека Барбарез остана со играч помалку, но има тука некои работи кои мора да се поправат кај селекцијата на БиХ. Со овој пораз тешко дека Босанците ќе се пласираат во следната фаза, но тоа нема да биде трагедија. Имаат млад состав со огромен потенцијал, но БиХ мора да заигра напаѓачки, доста со таа дефанзива. Ова нека биде лекција како не треба за сите во репрезентацијата на БиХ“.

-Канада позитивно изненади, штета што остана без Коне кој заработи скршеница…

Да, Канада во секој случај позитивно изненади, од друга страна Катар разочара. По она што го видов против Швајцарија си мислев дека Катарците би можеле најмалку до бод, но им се случи катастрофа. Канада имаше толку шанси да победи и со двоцифрена разлика. Јасно е дека своја улога одиграа и двата црвени картони, но се виде дека составот на Канада располага со квалитет и веројатно ќе се пласира во следната фаза. Што да се каже за хорор – повредата на Коне? Прво штета за него, ама штета и за Канада, тој им беше најдобар поединец. Не мислам дека беше намерно, се случуваат такви повреди во фудбалот. Тоа е спорт со контакт, и кога е така тогаш доаѓа до вакви ужасни повреди. Штета, штета…“.

-Мексико е првата селекција на Мундијалот која обезбеди пласман во нокаут – фазата…

Очекувано. Оваа селекција имаше и среќа со ждрепката па се падна во група која веројатно е најслаба од сите останати, барем според имиња. Добар настап против Ј.Африка и победа, солидно против Ј.Кореја и победа, и ете пласман во следната рунда. Не можам да го дефинирам квалитетот на Мексико, да видиме против кого ќе игра во нокаут – фазата па тогаш може да генерализираме. Да додадам дека и јас сум задоволен од досегашниот тек од Мундијалот. За нас неутралните најважно е да гледаме отворен и напаѓачки фудбал со многу голови, тоа и го добиваме“ заврши Шаќири.

ПретходноСамо што го промовираа во Ливерпул, Шпанецот повторно се повреди
СледноПремиер лига: Арсенал стартува против новајлијата Ковентри, дерби на стартот Њукасл – Ливерпул