Виктор Петровски: Овие кошаркарки заслужуваат голема почит

63

Женската селекција на Македонија за кошаркарки „Под 17“ години остави одличен впечаток на меѓународниот турнир „Рисинг старс“ во Букурешт, Романија.

Избраничките на селекторот Виктор Петровски прикажаа квалитетни настапи во конкуренција на силни противници, остварувајќи две победи – против врсничките селекции на Романија и Молдавија, а единствениот пораз го претрпеа од домашниот тим кој настапи со нешто постара генерација.

Освоеното второ место на турнирот претставува потврда за добрата работа и напредокот на оваа генерација, но и одлична подготовка за предизвиците кои следуваат во продолжението од летото.

Најпрво сакам да им честитам на моите кошаркарки. Горд сум на оваа група девојки, кои заслужуваат голема почит. Во текот на целиот подготвителен период, како и за време на турнирот, покажаа исклучителна посветеност, работна етика и голема желба за напредок.

Освоеното второ место е награда за нивниот труд, но уште повеќе за начинот на кој се бореа, се поддржуваа меѓусебно и со гордост го носеа дресот на Македонија. Секогаш го даваа својот максимум и токму затоа сум исклучително горд на нив“, вели Петровски.

Турнирот во Букурешт беше важен дел од подготовките и поради фактот што голем дел од оваа генерација ќе биде основата на репрезентацијата која ова лето ќе настапи на Европското првенство за кошаркарки „Под 18“ години во Тулчеа, Романија.

При селекцијата на овие кошаркарки водевме сметка и за она што ни следува во наредниот период, а тоа е настапот на Европското првенство. Ова беше одлична можност да одиграме три натпревари против квалитетни противници, од кои дел ќе бидат и учесници на Европското првенство.

Факт е дека нашиот национален тим кој ќе игра во Тулчеа во најголем дел ќе биде составен од девојките кои покажаа одлични игри на турнирот во Букурешт. Исто така, факт е дека најверојатно ќе имаме еден од најмладите ростери во конкуренција на репрезентациите кои ќе настапат на тој шампионат.

Но, ја имаме вистинската насока. По заслужениот одмор, за кратко време ќе се вратиме на тренажниот процес, со цел максимално подготвени да ги дочекаме настапите на Европското првенство“, додава селекторот на оваа наша селекција.

Настапите во Букурешт беа уште една потврда дека оваа генерација има потенцијал и дека со континуирана работа може да претставува значаен дел од иднината на македонската женска кошарка.

Претходно„Лудило“ во Атина: Еве како фановите на Пао го пречекаа Обрадовиќ!(ВИДЕО)
СледноМакедонија дефинитивно со нов селектор на ЕП, РФМ не му даде нов договор на Грчевски