Костески пред Грција: Да им покажеме кои сме и да им ставиме до знаење дека нема што да бараат!

1
Фото: РФМ

Македонската ракометна репрезентација денеска (16 часот) ја очекува тежок предизвик. На гостувањето кај Грција ќе ја брка втората победа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година. Селекторот Кирил Лазаров и неговите момци ќе играат пред полни трибини и мотивиран противник, кој за разлика од Македонија, во првото коло беше поразен од Шведска.

Најискусниот во нашите редови, Никола Костески, е свесен дека нема да биде лесно. Токму затоа, според него, македонските ракометари мора да останат фокусирани од првата до последната минута.

„Многу ни е важно да бидеме на посакуваното ниво и на овој дуел со Грција. Се подготвивме квалитетно, да видиме до каде сме со формата. Тренираме напорно бидејќи знаеме дека ќе биде тешко. Тоа е противник кој игра сè подобро од година во година и сигурно ќе биде мотивиран против нас. Доста добро ги анализиравме, имаат квалитетна бековска линија, но ние сме Македонија, имаме спој на млад и искусен тим, настапуваме на големите натпреварувања со години наназад и сакаме да продолжиме со тоа. Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната минута и да им покажеме кои сме, како Македонија, како народ, и да им ставиме до знаење дека немаат што да бараат“, вели Костески.

Одбраната ќе биде еден од клучните сегменти во играта на Македонија. Токму преку цврста дефанзива избраниците на Лазаров ќе ја бараат патеката до втора победа во исто толку натпревари.

„Најважно за нас е да се фокусираме на одбраната. Мечот нема да биде нималку лесен и затоа ќе биде многу важно да бидеме сконцентрирани во дефанзивата од првата до последната минута. Доколку сме на високо ниво во овој дел од играта, ќе следат и голови на спротивната страна, со што значително би си ја олесниле задачата“, дополнува најискусниот во нашиот табор.

Директен пренос од натпреварот меѓу Грција и Македонија ќе има на Арена МК.

ПретходноМурињо урна рекорд во Ла Лига