Македонија со победа и пораз го заврши настапот на ФИБА YDF кампот во Чанаккале

70
Фото: КФСМ

Со победа на машката и минимален пораз на женската селекција, Македонија го заврши учеството на финалниот ФИБА YDF камп во Чанаккале, Турција.

Младите македонски кошаркари до 14 години одиграа одличен натпревар против врсниците од Косово и заслужено славеа со убедливи (82:55). Избраниците на селекторот Мартин Атанасовски одиграа квалитетно прво полувреме, во кое ја направија клучната разлика.

Македонија уште во првата четвртина се одвои на (22:15), а до паузата предноста дополнително ја зголеми и на одмор замина со сигурни (45:27).

Во исто темпо продолживме и по паузата. Македонија направи уште поголема предност во третиот период од играта. Го добивме со (21:12), за недостижни (66:39) по три одиграни четвртини.

Во нашата репрезентација „Под 14“ години, Ничевски реализираше двоен ефект во овој последен меч на турнирот во Чанаккале. Запиша 20.поени, имаше и 10.скока. Величковски дојде до 13, (имаше и пет скока), Михајлов заврши со 12.поени и 8.скока, а Талевски придонесе во успехот со реализација на 10.поени.

Женската селекција до 14 години, пак, беше блиску до позитивен резултат, но по неизвесен финиш загуби од Косово со (38:40).

Во последните моменти од средбата двете екипи беа израмнети, а речиси две минути резултатот остана непроменет. Македонските кошаркарки не успеаја да го направат пресвртот, па победата му припадна на противникот.

Најефикасни во последниот натпревар за Македонија беа Нина Дојчинова и Божица Станојковска со по 10 поени. Двете имаа значаен придонес и под обрачите, со вкупно 23 скока, од кои Станојковска забележа 16.

Со овие настапи, младите македонски селекции го затворија учеството на силниот меѓународен собир во Чанаккале, каде продолжија да стекнуваат драгоцено искуство во рамките на развојниот проект на ФИБА.

ПретходноЌатип Османи пред промоција во албански Лаци
СледноТриумф на Македонија над Бугарија во Стара Загора