Во очекување на вечерашниот меч меѓу Хрватска и Гана, почнаа шпекулациите околу конечниот исход на оваа средба. Имено, рефлекторите повторно се насочени кон Томас Парти, еден од клучните играчи на репрезентацијата на Гана, на кого му е одбиена виза за влез во Канада поради обвиненија за силување во Велика Британија, каде што треба да се соочи со судење. Обидите на челниците на Фудбалската асоцијација на Гана, па дури и на државното раководство, не вродија со плод, а ставот на канадските власти остана непроменет, па ФИФА одлучи да не се меша во целата ситуација. Затоа Парти го пропушти натпреварот против Панама, а истото ќе му се случи и ако Гана заврши втора во Групата Л, пред Хрватска.
Имено, во случај на победа или нерешен резултат вечерва, Гана ќе го продолжи натпреварувањето од второто место и ќе игра со второпласираната репрезентација од групата К, односно Португалија или Колумбија. Проблемот е во тоа што тој натпревар ќе се игра во Канада, каде што вратата повторно ќе остане затворена за Парти. Во случај на триумф на Хрватска, Гана би завршила трета во групата и би го играла 1/16-финалниот натпревар во Канзас Сити против победникот од групата К. Но, овие шпекулации го игнорираат фактот дека во случај на таков исход, „црните ѕвезди“ би ја имале помошта од Парти само за тој натпревар. Имено, во случај на евентуален пласман во осминафиналето, Гана повторно би го играла тој меч во Канада, и повторно без својот искусен играч од средниот ред.










