Ефремовски: Фокусот е на нашата игра, мора да го дадеме максимумот против Ирска

40
фото: mkd.basketball

Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со подготовките за јулскиот ФИБА „прозорец“ во претквалификациите за Европското првенство 2029 година, а пред првиот предизвик против Ирска, оптимизам и максимална посветеност владеат во таборот на „црвено-жолтите“.

Еден од играчите од кои се очекува значаен придонес е Виктор Ефремовски. Бек-шутерот го дочека овој циклус како најдобар стрелец во МТЕЛ Супер лигата, а добрата форма ја потврди и на контролниот натпревар против Бугарија во Скопје.

Ефремовски говори за досегашниот тек на подготовките, работата на тимот и очекувањата пред дуелот со Ирска кој е закажан за 2 јули во салата „Лазар Лечиќ“.

„Подготовките досега се одвиваат одлично. Работиме напорно на секој тренинг и мислам дека од ден на ден изгледаме подобро. Атмосферата е навистина добра, сите сме максимално посветени и верувам дека до почетокот на натпреварите ќе бидеме целосно подготвени“, вели Ефремовски.

Македонија во продолжението од претквалификациите ќе има важна задача – да ја задржи првата позиција во групата „А“. За тоа ќе биде потребна максимална концентрација уште на првиот натпревар.

„Не очекува важен натпревар против Ирска и свесни сме дека нема да биде лесно. Тие доаѓаат со пет-шест нови играчи, па сигурно ќе има промени во нивната игра. Нашиот фокус е на нашата игра и на тоа да го дадеме максимумот. Ако одиграме дисциплинирано и ги исполниме задачите од селекторот, верувам дека можеме до позитивен резултат и до остварување на нашата цел“, додава македонскиот репрезентативец.

„Црвено-жолтите“ продолжуваат со тренинзите, а главниот предизвик е дуелот со Ирска, кој ќе биде прв чекор кон потврдување на амбициите во овој циклус.

ПретходноШкотска го смени селекторот откако не ја мина групната фаза
СледноГол-машина: Стана најдобар стрелец на Англија на Мундијалите и постигна 70 гола оваа сезона!