Утринава со последните мечеви од 3.коло заврши групната фаза на Мундијалот. Хрватска со победата над Гана успеа да влезе во нокаут – фазата. Сега пред нас е, што би рекол нашиот денешен гостин во рубриката “Коментар на денот“, Срѓан Захариевски, нов шампионат, она вистинското.
Но, ајде да тргнеме по ред.
-Хрватите одиграа добар меч, Лука Модриќ блескаше…
„Браво за Хрватска. Го одиграа својот најдобар меч на Мундијалот и заслужено се најдоа во нокаут – фазата. Наметнаа свој стил на игра против Гана со куси додавања. Имаше некои моменти каде не беше се идеално, но Лука Модриќ уште еднаш ја покажа својата големина, тука беше и Матео Ковачиќ. Јас не знам како тоа пред овој меч со Гана да има толку критики во хрватската јавност за Модриќ. Како да забораваат што тој со туе 201 настапи им донесе, пред се радост, второ и трето место на последните Мундијали. А сега со Гана како да одигра и од инает, како да сакаше да ги замолкне критичарите и успеа во тоа“.
-Модриќ против Роналдо во 1/16 финалето во “Дуелот на дедовците“…
-“Убава констатација ако се знае дека и двајцата имаат +40 години. Ако Хрватска одигра како со Гана тогаш не гледам причина да не ја мине оваа Португалија. Според мене Роналдо и компанија се големо разочарување. Буквално не играат ништо. Имаат супер тим, имаат фантастични поединци, ама нешто недостига, тоа веднаш се гледа. Како да немаат концепција, стил, ако е така тогаш проблемот е во селекторот. Онаа селекција која ќе ја наметне својата игра во средниот ред, мислам тука на дуелот од 1/16 финалето, таа ќе има поголеми шанси да оди натаму. Не дека ја отпишав Португалија, ама сепак Хрватите имаат големи шанси да ја минат оваа пречка, а за понатаму се зависи и од противниците. Во секој случај ќе биде супер интересно и тој меч според мене е дербито на 1/16 финалето“.
-Меси не беше стартер, ама влезе во второто полувреме и повторно беше стрелец…
“Тоа е тоа. Лео го игра својот шести Мундијал и секогаш е на високо ниво. Има покрај себе соиграчи кои “кршат нозе“ за него, за нив тој е фудбалски БОГ. Кога ќе го видиш на прв поглед како шета по теренот, ќе си кажеш – па добро што прави овој, ама сите покрај себе со своите игри во овие 20 години ги прави подобри. За мене нема дебата, за мене Лео Меси е најдобар на сите времиња и точка. Секоја чест за Роналдо, посебно за Марадона, ама Лео е над сите. Тоа е моето мислење. Се гледа дека Аргентина сака и на овој Мундијал да дојде до уште една титула и има реални шанси за тоа. Патот до полуфиналето и е отворен, а потоа се е можно. Со ваков Меси оваа селекција може уште еднаш да дојде до тронот“.
-Англија повторно не одигра според очекувањата…
“Ама победи. Големите репрезентации и кога не блескаат, победуваат. Можеби калкулираат, можеби се чуваат, ама сега кога пред нас е она вистинското, нокаут – фазата, во која нема поправен ќе видиме што може оваа чета на Томас Тухел. Јас и предвидувам големи нешта, а тука се и секако Франција и Шпанија“.
-Цел свет “знаеше“ дека мечот Алжир – Австрија ќе заврши нерешено…
“Добар меч со шест гола. Знам што се говори, дека ова е реми на задоволство на двете селекции, ама како да се заборава дека израмнувачкиот гол на Австрија беше постигнат во 90+6.минута. Така да мораме да бидеме повнимателни во изречените констатации. Не смееме да веруваме во секоја “таблоидна“ информација за местенки и слично. И јас жалам за Иран, ама тоа е фудбалот, понекогаш е суров“заврши Захариевски.










