Денеска ТВ Тера објави дека, според нејзини извори, пред извесно време до општина Битола имало понуда за купување на ФК Пелистер од американски инвеститор, но не завршила со договор.
Ви го презентираме во целост текстот на ТВ Тера…
“Тера Телевизија ексклузивно дојде до документ што открива дека пред само неколку недели градоначалникот на Битола добил конкретна понуда за преземање на ФК Пелистер од страна на американски инвеститор, но целиот процес завршил без договор и без официјално објаснување од Општина Битола.
Станува збор за официјално Писмо за намери испратено до битолскиот градоначалник во кој детално се разработува моделот за преземање на клубот, распределбата на сопственоста, управувачките права и финансиските обврски. Според документот до кој дојде Тера телевизија, инвеститорот понудил да преземе 51 проценти од сопственоста на клубот, со целосна оперативна, управувачка и спортска контрола. Општина Битола би задржала 49 проценти, но без право на одлучување во управувањето. Во писмото јасно стои дека инвеститорот би имал право да ги назначува главните луѓе во раководството, да ја креира спортската политика, да ги води сите комерцијални активности и да управува со развојот на клубот.
Документот открива и дека инвеститорот барал можност, во иднина, постепено да го откупи и преостанатиот удел на Општина Битола, во зависност од исполнување на одредени спортски и финансиски цели, меѓу кои враќање во Првата македонска фудбалска лига и настап во европски натпреварувања.
Еден од клучните делови на документот е финансиската структура. Во него стои дека приватниот инвеститор би влегол во клубот без да ги преземе старите финансиски обврски, односно сите дотогашни долгови на клубот би останале на товар на Општина Битола. Но, уште поважно, според писмото, Општина Битола не само што би ги задржала долговите, туку би продолжила и понатаму да учествува во финансирањето на клубот, пропорционално на својот удел од 49 проценти.
Дополнително, стадионот, инфраструктурата, тренинг-центарот и сите поврзани трошоци би останале на товар на општината. Инвеститорот би добил широк пакет права како што се контрола врз играчките договори, трансферите, маркетингот, спонзорствата, продажбата на дресови и реквизити, медиумските права, дигиталните платформи, младинската школа…
Од инвеститорската страна за Тера телевизија велат дека зад иницијативата стоел американски адвокат и бизнисмен, кој според нив важи за човек близок до актуелната американска администрација и меѓународните суверенистички кругови. Според нивниот план, во проектот биле предвидени и соработници со искуство и професионални врски во реномирани европски фудбалски клубови како ФК Барселона, ФК Црвена Звезда и ФК Динамо Загреб, со цел трансфер на знаење, развој на младинската школа и подигнување на клубот на повисоко организациско и спортско ниво.
По увидот во финансиската документација и состојбите во клубот, велат дека во САД биле направени детални анализи, по што инвеститорот изнесува дека бил затекнат од, како што ја оценуваат, „поразителната и незавидна состојба” во која се наоѓа ФК Пелистер. Според нив, за инвеститорот било тешко разбирливо како еден клуб со такво историско и спортско значење успеал да дојде до ваква состојба и како со години било дозволено неговото финансиско и организациско слабеење.
Несудениот инвеститор потврдува и дека Општина Битола не изразила формални забелешки на ниту една точка од понудениот договор, но…
„До ден денес немаме официјално објаснување зошто понудата не беше прифатена”, велат оттаму.
Засега останува нејасно дали Општина Битола свесно се откажала од овој модел на приватно преземање на ФК Пелистер или едноставно не успеала да ја затвори зделката. Јавноста има право да знае за преговорите со приватниот инвеститор во ФК Пелистер.
Зошто процесот не добил епилог и кој ја донел конечната одлука !? Доколку Општина Битола сметала дека понудениот модел не бил во интерес на клубот или на граѓаните, останува прашањето зошто тоа никогаш не било јавно образложено. Тера телевизија ќе продолжи да бара одговори и да ја следи оваа тема“.










