Ирина Дишовска Камилоска: Планината е мојот втор дом, а мајчинството мојата најголема победа!

123

Марија Ковачева

„Женски Спортски Приказни“ е проект наменет да инспирира, мотивира и охрабрува. Секое интервју и секоја приказна носат посебна тежина и уникатна порака. Успешните жени во спортот, по некое непишано правило, чекорат по потешкиот пат и се соочуваат со различни предизвици. Во изминатите шест месеци во „Женски Спортски Приказни“ научивме дека не постојат врвови што не можат да се освојат, ниту битки што не можат да се добијат. Жената е храбра и создадена да ги урива бариерите.

На сите ни се потребни вистински и добри примери за да веруваме дека соништата можат да станат реалност.

Кога станува збор за жени кои се вистински пример и мотив, не само за младите, туку и за сите нас, ja издвојуваме Ирина Дишовска Камилоска.

Ирина е позната македонска алпинистка, чиј успех не се мери само со искачени врвови. Таа за време на бременоста, но и по породувањето, покажа дека може да се остане активен во спортот. Поседува енергија што е „заразна“ и на секој можен начин се обидува да ги мотивира, не само професионалните спортисти, туку и сите оние кои рекреативно или аматерски се занимаваат со спорт. Постојано е активна и за кратко време успеа да се врати во одлична форма.

Ирина е мајка на две деца. Иако мајчинството носи нови обврски и предизвици, не се откажува од спортот и нејзината голема љубов – планините. Напротив, таа успеа да ги мотивира и „тазе“ мајките, заедно со своите деца, да го освојуваат Водно, покажувајќи дека мајчинството и активниот живот можат успешно да одат рака под рака.

Иако е млада, Ирина има големо искуство, секој врв е посебна приказна која слободно може да ја пренесе на хартија, исто како и сето она што го правеше за време на бременоста, но и сега.

За нејзината храброст е доволно да се каже дека е првата Македонка која успеа да го совлада Матерхорн (Ѓаволски рог), еден од најопасните и најсмртоносните врвови во светот, кој е предизвик за секој сериозен алпининст. Ирина го стори тоа без придружба на водич, што е неверојатен потфат.

БРЕМЕНОСТА, МАЈЧИНСТВОТО И СПОРТОТ

💫Кога дозна дека ќе станеш мајка, која беше првата мисла? Дали во еден момент се запраша дали ќе можеш да спортуваш на исто ниво?

„Првата мисла ми беше дека ќе морам да направам посериозна пауза од мојот спорт. Одлуката е тешка, но неопходна. Сепак, се работи за спорт кој бара големи откажувања, долги отсуства од дома за време на експедиции и едноставно не сакав да пропуштам ниту еден момент од растењето на моето дете, а сега веќе на моите две деца.“

💫Колку бременоста те промени како спортистка, а колку како личност?

„Премногу. Како спортистка, првите промени ги чувствував во телото и кондицијата, а како личност – во целокупната промена на организмот. Фактот дека во тебе расте живо суштество за кое си одговорен и ќе бидеш до крајот на животот е нешто што целосно ги менува личноста и размислувањата.“

💫Колку е важно жената да го слуша сопственото тело за време на бременоста и по породувањето?

„Тоа е најважното нешто. Не само за време на бременоста, туку воопшто во текот на животот. Телото секогаш ни дава знаци, а многу е важно да научиме да ги разбереме.“

💫Што беше најтешко при враќањето на тренинзите: физичката подготвеност или психолошката борба?

„За мене лично, најтежок беше психолошкиот момент – дека го оставам детето дома за да се вратам на тренинг. Тоа беше борба со самата себе и со моите мисли. Од друга страна, со второто дете многу полесно ја прифатив одлуката дека за мое добро треба побрзо да се вратам на тренинзите.“

💫Кој е најголемиот мит за спортистките кои стануваат мајки што би сакала конечно да биде променет?

„Дека откако ќе се реализираш како мајка, завршува спортската кариера. Најдобар пример дека не е така е Едина Муса.“

💫Колку беше важна поддршката од партнерот и семејството за да продолжиш со спортот?

„Најголемата поддршка во животот е мојот партнер. Од него безрезервно ја добивам поддршката да се вратам на експедиции и тоа ми е од огромно значење. Сѐ уште искачувам планини само низ Македонија, но полека и сигурно ја враќам формата од пред двете бремености. Одлуката за некоја експедиција сепак паѓа на мој товар, но сѐ уште не сум подготвена за тоа. Ќе дојде и тој момент. Не форсирам ништо, го слушам мајчинскиот инстинкт и засега сѐ е под контрола.“

💫Дали мајчинството те направи похрабра, потрпелива или уште поамбициозна?

„Потрпелива. Храброста и амбициозноста во мојот спорт имаат малку поинакво значење, бидејќи алпинизмот е спорт со висок ризик по животот на нас качувачите. Токму поради тоа, овие две особини не ми се толку изразени откако станав мајка.“

Што те научија твоите деца, а што не успеал да те научи ниту еден тренер?

💫„Ме научија на безусловна љубов и дека не секоја победа или искачен врв се мерат со медал. Малите секојдневни победи во мајчинството ми значат повеќе од сѐ во овие моменти.“

💫Што би им порачала на жените кои стравуваат дека со мајчинството ќе мора да се откажат од своите соништа и спортската кариера?

„Би им препорачала да не дозволат стравот да им ја одреди иднината. Мајчинството не ги одзема соништата, туку ги менува приоритетите.“

СПОРТОТ ВО МАКЕДОНИЈА, РОДОВАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА

🎯Имаш богато спортско искуство. Колку Македонија денес навистина ги поддржува жените во спортот?

„Во мојот спорт тоа е реткост. Се надевам на подобри времиња во иднина.“

🎯Кој е најголемиот предизвик со кој се соочува една спортистка во текот на кариерата, а за кој најмалку се зборува?

„Родовата дискриминација. Последниве неколку години многу погласно се зборува на оваа тема и многу сум среќна поради тоа. Но, да бидеме искрени, на почетоците од нашите спортски кариери оваа дискриминација јасно и гласно се негираше од институциите кои, всушност, би требало да застанат зад нас и да бидат наша заштита.“

🎯Што би променила во спортот во Македонија? Од каде треба да почнат промените?

„Во Македонија многу работи треба да се променат за да стигнеме до сериозен напредок во спортот. Имаше еден, да го наречам, неуспешен обид финансиски да се поддржат спортските клубови со средства наменети од данокот на добивка. Го нарекувам неуспешен бидејќи и во овој закон се најде дупка која многумина ја користат за личен профит. Потребно е сериозно тело да се позанимава со распределбата на финансиските средства, кои реално се основата за спортски напредок. Оној што немал финансии, најчесто се откажал од спортот.“

ПЛАНИНАТА Е МОЈОТ ВТОР ДОМ

🎯Доколку имаш шанса да се вратиш назад, дали повторно би го избрала истиот спорт?

„Апсолутно да. Јас сум засекогаш предана на мајката природа и секогаш ќе им се враќам на високите планини. Тоа е мојот втор дом.“

🎯Што би им препорачала на младите спортистки кои се соочуваат со бројни предизвици? Што е најважно во градењето на една успешна кариера?

„Конзистентноста. Упорноста. Дисциплината.“

🎯Имаш искачено многу врвови, а во 2020 година одлучи да се искачуваш на Кањон Матка – боса и во црвен фустан. Денес, како мајка на две деца, дали поинаку гледаш на тој момент? Дали би го повторила истиот подвиг?

 

„Не би го повторила и не би им го покажала тоа на моите деца. Тоа беше нешто што го оставив во минатото, а од оваа гледна точка е лудост. Не би требало никому ништо да докажувам, но ете, во некои мои млади и луди години, кога немав одговорност кон свои деца, веројатно и размислувањата ми биле поинакви.“

🎯Кој врв што го искачи ти влеа најголем страв и што те научи во тие моменти?

„Казбег во Грузија. Се работеше за искачување на кристално чист и топол ден, кој не е соодветен за преминување преку глечер. Од топлото време глечерот постојано ‘работеше’, а глечерските процепи се отвораа насекаде околу нас, особено при симнувањето од врвот. Буквално пропаѓавме во нив. Веројатно ме научи дека планината секогаш ќе биде таму, дека соодветната опрема е неопходна, но и дека чекањето на вистинските услови за качување е клуч за успешно и безбедно искачување.“

🎯Какви подготовки се потребни за да се искачи еден врв како Килиманџаро, Елбрус, Ама Даблам или Матерхорн? И кога знаеш дека си подготвена? Што е најважно во целиот процес на подготовка, но и за време на искачувањето?

„Најважно во целиот процес е да ги подготвиш телото и умот за најсуровите и најлошите услови. Треба да ги имаш во глава сите можни сценарија, за барем делумно да знаеш како да реагираш кога ќе дојде кризен момент. За време на искачувањето, особено при ноќниот final summit push, најмногу доаѓа до израз издржливоста што си ја стекнал единствено со сурови тренинзи. Ништо друго нема да ти помогне да го издржиш тој напор.“

🎯Бидејќи најголем дел од времето го поминуваш во природа, колку Македонија е безбедна за планинарите? Дали патеките се доволно означени и одржувани?

„Можеби не сум најкомпетентна да одговорам на ова прашање, бидејќи ги имам поминато најголемиот дел од планините во Македонија. Од моето досегашно искуство, планините се безбедни. Но, дури и кога патеката е целосно маркирана, секогаш треба да постои план Б за безбедно искачување и симнување. Тоа значи дека никаде не тргнувам без GPS-запис. Кога го немам јас, го барам од пријатели кои веќе биле таму. Тоа е правило од кое не отстапувам. При лошо време и намалена видливост многу е тешко да се следат маркациите. Некогаш има и раскрсници каде што патеките се раздвојуваат и многу лесно може да се направи грешка. Од друга страна, GPS-от никогаш нема да те излаже.“

🎯Со оглед на тоа што веќе си доста активна, кои се плановите за во иднина? Дали би направила нов голем подвиг?

„Во план ми е експедиција, но навистина се двоумам каде би било тоа. Имам неколку врвови на ум, мои неостварени желби, и се надевам дека следната година ќе го развиорам македонското знаме на некој од нив.“

 


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноПромени во раководната структура во кошаркарскиот тим на Пелистер
СледноПортугалија и Хрватска го одиграа мечот на десегашниот Мундијал