Со нов Американец, но без Јакимовски против Луксембург!

193

Сениорската репрезентација на Македонија веќе е во Луксембург, каде попладнево ќе го одржи и првиот тренинг во пресрет на утрешниот натпревар против домашната селекција, последен во првата фаза од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029.

По убедливата победа над Ирска (77:56), со која го обезбедивме првото место во групата „А“ и пласман во следната рунда од квалификацискиот циклус, селекторот Жозеп Марија Берокал направи три промени во составот.

На позицијата натурализиран кошаркар, на местото на Ди-Џеј Стјуард, во ростерот за гостувањето во Луксембург е Нејт Сестина. По успешно одработениот најголем дел од подготовките со националниот тим, Сестина е подготвен за својот прв официјален настап во македонскиот дрес.

Во комбинација за настап нема да бидат Андреј Јакимовски и Марко Луканоски.

Јакимовски, со согласност на стручниот штаб, доби дозвола да го напушти националниот тим поради претходно преземени приватни обврски поврзани со неговата преселба во Италија.

Од друга страна, Марко Луканоски ќе им се приклучи на подготовките на репрезентацијата „Под 20“ години, која ги привршува подготовките за настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава. Проценката на стручниот штаб е дека неговото присуство ќе биде од особено значење за младинската селекција во пресрет на континенталниот шампионат.

Македонија ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза од претквалификациите со десет кошаркари во ростерот, со желба да ја забележи и шестата победа во циклусот и со максимален ефект да го заокружи успешниот настап во групата „А“.

ПретходноБожиновски и Начевски на списокот на ЕХФ за Европското првенство 2026
СледноАргентина има премногу среќа, З.Острови воодушевија