Кошаркарите имаат една цел против Луксембург, а тоа е перфекција за крај

127
Фото: КФСМ

Македонската сениорска репрезентација денеска (16 часот) ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029.

Во „Националниот центар за спорт и култура“ во Луксембург, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе се соочат со домашната селекција, со јасна желба квалификацискиот циклус да го завршат со максимален учинок.

Со пет победи во исто толку одиграни натпревари, Македонија веќе го обезбеди првото место во групата „А“ и пласман во следната фаза од претквалификациите.

„Факт е дека ова е натпревар без никакво резултатско значење. Освен тоа настапуваме без најдобрите играчи од Македонија. Но на тоа гледаме како одлична шанса за поголем простор за играчите кои се тука, од поискусните до оние најмладите. А тие минути индивидуално треба да ги одиграме зрело, а во меѓувреме да работиме на тимската хемија на теренот“, вели Стојановски.

И покрај тоа што првото место е веќе обезбедено, мотивацијата не изостанува. Напротив, во националниот тим владее убедување дека серијата победи треба да продолжи и на последното гостување во оваа фаза од натпреварувањето.

„Точно е дека со победата против Ирска веќе ја завршивме работата. Но никој од нас не планира да се опушти. Напротив, ќе играме максимално одговорно, бидејќи сакаме победа за крај на квалификациите. Кој и да истрча на теренот, сигурно ќе даде сѐ од себе бидејќи само така можеме да ја постигнеме целта“, порача Ваљмир Какруки.

Натпреварот меѓу Луксембург и Македонија започнува во 16 часот, а директен телевизиски пренос е обезбеден на програмата на МРТ 3.

Претходно“Специјалниот“ го одбра клучното засилување од 60 милиони евра!
СледноЗагреб го врати поранешниот хрватски селектор