Аргентина умешно ги искористи грешките на Египет во финишот

100

Мундијалот влегува во завршницата. Завршија осминафиналните мечеви, а пред нас се четвртфиналните. Аргентина повторно “режираше“ спектакл, одново се мачеше со селекција од Африка, ама сепак на чудесен начин го победи Египет со 3:2. На вториот меч Швајцарија по тие 0:0 успеа да победи на пенали.

Наш денешен аналитичар во рубриката “Коментар на денот“ е Мирсад Јонуз.

-Светскиот првак повторно се “извади“…

Спектакуларен меч кој може и треба да се анализира од повеќе агли. Сепак, сепак мое мислење е дека Египет сам си е виновен. Имаш 2:0, против себе една беззидејна Аргентина, која беше на колена и дозволуваш на противникот да се врати. Неколку грешки направија Египќаните, а најголемата беше што се напикаа пред својот гол, и со тоа го принудија дотогаш одличниот голман да не може да ги „чисти“ топките, да нема простор пред себе. Требаше да ја рашират играта, со куси и бескрајни додавања да ги нервираат Аргентинците. Тоа е таа тактичка зрелост која сеуште ја немаат. Сето тоа Аргентина умешно го искористи и уште по првиот гол на Ромеро се знаеше дека светскиот првак ќе победи. Сепак оваа Аргентина има премногу слабости, не ми влева доверба дека може да ја одбрани титулата. Да кажам дека Египет синоќа пројави и страв од победа, тоа некогаш е исто како да имаш страв од пораз. Едноставно Египет психолошки падна“.

-Меси повторно не реализира пенал. Зошто селекциите од Африка паѓаат во финишот…

Ова е втор пенал кој Меси не го реализира на Мундијалот. Интересен податок, но со ова покажа дека и тој е само човек а не вонземјанин. Тој што не играл фудбал не знае под каков притисок е играчот кој изведува пенал. Тогаш се грчат мускулите, знаеш дека твојот шут решава натпревар, и ете, и најголемите не се имуни од таков притисок. Ова за африканските селекции е податок за подлабока анализа. Мислам дека сепак и покрај се, и покрај тоа што ја намалија разликата со селекциите од Европа на тактички и физички план, ќе треба некое време некоја селекција од тој континент да биде како Мароко“...

-Швајцарија ја победи Колумбија…

Многу борба, многу тактика, многу тактизирање. Ништо посебно не видовме освен тие 2-3 шанси во продолженијата 2Х15 минути во кои Колумбија можеше и требаше да го реши мечот. Се чини дека и двете селекции како да одеа по секоја цена во пенал – серијата, а таму не може двата тима да победат. Во секој случај ако првиот меч беше спектакл, овој вториот беше далеку од тоа на разочарување на неутралните фудбалски фанови“.

-Фудбалскиот свет со право со прашува до кога ќе трае норвешката бајка…

Секоја чест, Норвежаните досега навистина воодушевија, но мислам дека Англија нема да ја пропушти оваа шанса. Халанд и другарите ќе бидат опасен противник, но Англичаните покажаа дека знаат да играат и кога се под притисок, дека не „умираат во убавина“ и дека се е подредено на резултат. Имаат и квалитет, тоа не смееме да го заборавиме. Мислам дека победникот од овој дуел ќе оди во финалето ако се знае дека во 1/2 финалето се вкрстува со победникот од мечот Аргентина – Швајцарија“ заврши нашиот коментатор.

ПретходноПо 20 години во НБА: Кајл Лаури и официјално замина во пензија!
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: ГОЦЕВ СТОЛЕ ОД РАДОВИШ ОСВОИ МИЛИОНЕР ЏЕКПОТ ВРЕДЕН 1.739.712 ДЕНАРИ