Со гол од пенал на Есмир Хасукиќ во 42 минута од натпреварот фудбалерите на Силекс стигнаа до голема, до огромна победа како гости на белорускиот Динамо Минск.
Натпревар кој се одигра пред празни трибини во бугарскиот град Стара Загора (белоруските екипи не играат во својата земја), во првото квалификациско коло од Конференциската лига. Ова е прва победа во историјата на Силекс Кратово како гостин во натпреварувањата на УЕФА и резултат кој ги отвара портите на нашиот тим за пласман во следната фаза од ова натпреварување.
Динамо Минск е најголем клуб на својата земја и тим кој е прв на табелата во актуелниот шампионат на оваа земја. Освојувачот на Купот на Македонија одигра одлично 90 минути а посебно во првото полувреме кога доминираа и кога можеа да постигнат 2-3 гола. Белорусите одиграа во грч, слабо и без ниту еден директен удар по голот на Џеков. Хасукиќ летово го засили Силекс и дојде од Габела (БиХ), и веднаш докажа дека е екстра засилување за составот на Александар Васоски исто како и Пановски врз кого беше и пеналот.
Перфектно прво полувреме одиграа фудбалерите на Александар Васовски кои на „домаќинот“ не му дозволија не само да се приближи до голот на Џеков туку и речиси и да не влезат во казнетиот простор на Силекс. Уште од првата минута фудбалерите од Кратово беа тие кои имаа иницијатива и контрола на топката. На првата добра и посериозна шанса се чекаше по само 7.минути игра кога Хасукиќ од 25 метри се обиде да лобува а топката мина за малку крај десниот дирек на Шимакович. Во 33 минута голманот на Динамо е херој со одличната одбрана на „деветката“ на Силекс кој се најде во одбра шанса, биеше од десетина метри но неуспеа. Во самиот финиш на првиот дел прво Хасукиќ не стигна на време да забие по нафрлувањето од десната страна а во истата акција фаулиран е Пановски за чист пенал за Силекс.
Хасукиќ прецизен од белата точка во 42 минута!
Во второто полувреме, Силекс беше екипата која ги чуваше големите 0:1 а фудбалерите од Белорусија се обидуваа да стигнат до погодок. Кратовци добро се бранеа, не дозволуваа на противникот да направи сериозна прилика за гол. Белорусите со 2-3 удари од далечина се обидоа да стигнат до мрежата на Џеков но сето тоа беше избрзано и далеку од сериозна прилика за гол.
Реваншот во Скопје се игра за 7 дена на стадионот „Петар Милошевски“ во комплексот на ФФМ.
Динамо Минск – Силекс 0:1
Стадион во Стара Загора (Бугарија)
Главен судија: Елефсен (С. Ирска)
Стрелец: Хасукиќ пенал 42’
Ж. Картони: Туре, Соколовски (Д), Ѓ. Џеков, Делимеџац, Ангелески, Мишов (С)
Динамо М: Шимакович, Гурбан (Швецов 60’), Бегунов, Калинин, Туре (Вакулич 45’), Соколовски (Аликулов 75’), Селјава, Абдулахи, Џимет, Варданјан (Луткович 46’), Малашевич (Гвет 87’).
СИЛЕКС: Љ. Џеков, Бутуровиќ, Шуберт, Ѓ. Џеков, Ефтимов, Ангелески, Донов (Делимеџац 73’), Пановски (Тимовски 83’), Богдановски (Манојлов 65’), Шеро (Велиновски 83’), Хасукиќ (Мишов 73’).










