Македонските атлетичари забележаа одлични настапи на Балканското првенство за младинци под 20 години, кое викендов се одржа во Крајова, Романија. Нашите атлетичари се враќаат со освоен сребрен медал, како и два нови младински национални рекорди и голем број лични рекорди.
Женската штафета на 4х100 метри го освои сребрениот медал и постави нов младински национален рекорд со време од 48.95 секунди. Штафетата настапи во состав: Ева Митевска, Тамара Атанасовска, Лина Исени и Марта Димковска, подобрувајќи го рекордот што опстојуваше од 1999 година.
Брајан Авиа постави нов младински национален рекорд во скок во далечина со 7.15 метри, подобрувајќи го сопствениот рекорд за четири сантиметри и освојувајќи го шестото место. Во скок во височина го освои и одличното петто место со прескокнати 2.04 метри.
Иван Поповски постави нов личен рекорд во скок во височина со 1.91 метар, со што го освои деветтото место. На 100 метри, Ева Митевска постави нов личен рекорд од 12.40 секунди и го освои 11-тото место, додека Тамара Атанасовска со нов личен рекорд од 12.63 секунди се пласираше на 13-тото место. Марта Димковска го освои 10-тото место на 400 метри со време од 59.84 секунди, а Лина Исени се пласираше на 12-тото место во скок во далечина со резултат од 5.23 метри. Во машката конкуренција на 100 метри, Димитар Корчаковски не ја заврши трката поради неуспешен старт, додека Марко Алексовски беше принуден да го откаже настапот поради повреда здобиена за време на загревањето.
Репрезентацијата беше предводена од тренерите Ѓорѓи Вучков и Божурка Ѓошевска.










