Силекс утре од 20 часот на стадионот на ФФМ, ќе го одигра реваншот од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции против Динамо Минск. Познато е дека кратовци на овој меч влегуваат со предност од 1:0, обезбедена на првиот дуел кој се одигра минатиот четврток во Стара Загора.
Четата на стратегот Александар Васоски, не само што победи против реномираниот тим од Белорусија, туку се претстави во одлично издание.
На денешниот прес по повод утрешниот реванш со Динамо Минск, стратегот на нашиот претставник, имаше свое видување:
“Знаеме добро што не очекува. Имаме против себе незгоден ривал, но на првиот меч покажавме дека знаеме да играме на резултат. Ова е историска шанса на генерацијата. Ќе направиме се што е во наша можност да не загубиме. Погубно би било да се повлечеме од првата минута, а доколку сме во можност ќе се обидеме да постигнеме и гол. Противникот е во подобар ритам од нас. Одиграа 15 меча во првенството и се лидери на табелата. Ние немаме таков ритам, но секако веруваме дека може да се пласираме во следното коло” рече покрај другото Васоски.
Инаку Силекс утре ќе има голема поддршка од своите фанови.Имено уште вчера беше официјално објавено дека сите билети за овој меч со Динамо Минск се распродадени.









