Жоакин Торес има сериозна повреда на мускулот и според лекарските наоди тој ќе биде во аут до септември што значи дека ќе биде надвор од стројот на Вардар за престојниот двомеч со Рига во второто квалификациско коло од Конференциската лига.
Аргентинецот се пожали на болки за време на првиот дуел со КуПС во Скопје по што не беше во составот на тренерот Кристијан Фабиани за деулот во Финска. Ако се гледа според играта и според тоа што Вардар го одигра со и без Торес, слободно може да се констатира дека споменатиот фудбалер и нема некој голем ефект во играта на „црвено-црните“.
Напротив, Вардар игра многу подобро кога Торес не е во составот, а истото важи и за Пуељо и Кастањеда. Аргентинците се „проблем“ и не се на потребното ниво за европска сензација на Вардар. Шоу ама во негативна конотација имаше Пуељо во Куопио, главниот фактор за елиминацијата.
Поголема „паника“ во Вардар е состојбата околу Дарко Велковски. Репрезентативниот стопер се повреди на дуелот во КуПС. Беше заменет и настана хаос во одбраната на првакот што значеше и елиминација од Лигата на шампионите затоа што дефанзивата беше далеку послаба откако Велковски го напушти теренот.
Дознаваме дека Велковски има мускулно истегнување и дека е неизвесен за дуелот со Рига во среда во Скопје. Се прават напори да биде фит за реваншот во Летонија.










