Разговор со Саша Димитријевиќ за новата улога – консултант за развој на млади играчи во МЗТ Скопје

155
Фото: Приватна архива на Саша Димитријевиќ

Марија Ковачева

МЗТ Скопје Аеродром ја продолжува својата заложба за унапредување на младинската кошарка и развојот на домашните таленти. Во таа насока, клубот воспостави соработка со Саша Димитријевиќ, основач на Basket Grow Zone и креатор на „Dimitrijević Method“, кој ќе ја извршува функцијата консултант за развој на млади играчи и младинска кошарка.

За Димитријевиќ оваа соработка има и посебна емотивна вредност, бидејќи неговите први кошаркарски чекори се поврзани токму со МЗТ Скопје. По точно три децении, односно од 1996 година кога беше совладан големиот Реал Мадрид во „Лименката“, тој повторно се враќа во клубот, овојпат во улога насочена кон развојот на идните генерации.

Во рамки на ангажманот, неговата улога ќе биде исклучиво консултативна и развојна, со фокус на создавање систем што ќе помогне во напредокот на младите играчи и ќе обезбеди дополнителна поддршка за тренерите во младинските категории.

Посебен акцент ќе биде ставен на програмата за индивидуален развој на најталентираните играчи во клубот, преку дополнителна работа насочена кон техничко-тактички напредок, кошаркарска интелигенција, донесување одлуки, работни навики и подготовка за транзиција кон повисоко натпреварувачко ниво.

„Мојата улога не е да заменувам тренери, ниту да управувам со натпреварувачкиот процес. Улогата на консултант е да понуди дополнителна експертиза, нова перспектива и развоен систем кој ќе им помогне и на играчите и на тренерите. Верувам дека најголем успех за еден клуб е кога неговите млади играчи ќе бидат подготвени да станат дел од сениорскиот тим и да го претставуваат клубот на највисоко ниво“, изјави Димитријевиќ.

Целта на проектот е МЗТ Скопје да продолжи да биде препознатлив не само како најтрофеен и најуспешен македонски клуб, туку и како место каде што се создаваат идните генерации македонски кошаркари и млади луѓе со вистински вредности“.

Основач сте на Basket Grow Zone, која е мисијата и визијата?

„Basket Grow Zone беше создадена токму со оваа визија – да биде платформа што ќе им помага на кошаркарските школи, академии, кампови и клубови во унапредувањето на работата со младите категории, едукацијата на тренерите, имплементацијата на современи развојни концепти и работата со талентирани играчи.

Од самиот почеток верував дека развојот на кошарката не зависи само од талентот на децата, туку и од квалитетот на системот што го градиме околу нив. Затоа Basket Grow Zone никогаш не беше замислена само како место за индивидуални тренинзи, туку како партнер во создавањето подобри услови за развој на играчи, тренери и клубови. Особено ме радува што оваа визија беше препознаена од МЗТ Скопје, клуб со огромна традиција, резултати и значење за македонската кошарка. За мене ова претставува потврда дека концептот на кој работиме со години има вистинска вредност.

Во исто време, радува и фактот што, покрај МЗТ Скопје, интерес за соработка покажаа и други кошаркарски школи, кампови и клубови кои сакаат да ја подигнат работата во младинските категории на повисоко ниво.

Basket Grow Zone ќе продолжи да размислува долгорочно и да работи на проекти што ќе придонесат за развојот на македонската кошарка. Верувам дека токму преку соработка, едукација, работилници, споделување знаење и создавање подобри развојни системи можеме да направиме вистински исчекор напред.

Самото тоа што најголемиот и најтрофеен македонски клуб, МЗТ Скопје Аеродром, ја препозна оваа идеја и потребата од ваков тип развојна и консултантска поддршка е дополнителен мотив да продолжиме уште попосветено по патот што го избравме.

Ова е само почеток. Следуваат нови идеи, нови проекти и нови партнерства, со една заедничка цел: Подобри играчи. Подобри тренери. Подобри клубови. Подобра македонска кошарка“, вели Димитријевиќ.

Младинската кошарка во Македонија – време е за будење

„Ако треба со една реченица да ја опишам состојбата во младинската кошарка денес, таа би била: последните десет години живееме во летаргија. Не затоа што немаме таленти. Напротив, таленти отсекогаш сме имале. Не затоа што немаме деца кои сакаат да тренираат. Имаме и такви. Проблемот е што во најважните сегменти од развојот речиси и да нема напредок.

Во многу клубови владее комфорна зона. Кога системот не бара промени, не бара знаење и не бара резултати во развојот на играчите, тогаш природно е луѓето да престанат да се менуваат. А спортот не трпи стагнација. Ако не одиш напред, одиш назад“, вели Димитријевиќ.

Според него една од најголемите причини за тоа што спортот не оди напред е ваучер-системот, кој според него е лошо применуван од страна на клубот.

„Една од најголемите причини за таа летаргија е начинот на кој се доживува ваучер-системот. Наместо да биде средство за развој, тој со години стана цел сам по себе. Најчестиот разговор во кошарката повеќе не е: „Како да создадеме подобри играчи?“, туку: „Кога ќе излезат ваучерите?“ и „Колку средства ќе добиеме?“

Десет години потрошивме разговарајќи за финансиски механизам, наместо за методологија на работа, едукација на тренери, индивидуален развој, подобри тренинзи и создавање нова генерација кошаркари. Последиците денес се јасно видливи: сè помал број квалитетни играчи, недоволно обучени тренери за работа со најмладите, слаб индивидуален развој, недостаток на долгорочна стратегија во повеќето клубови.

Најопасно е што летаргијата станува нормална. Македонската младинска кошарка има потреба од нова визија. Од луѓе кои ќе имаат храброст да излезат од комфорната зона, да учат, да се едуцираат, да воведуваат современи методи и развојот на детето да го стават пред сè.

Ниту еден ваучер нема да произведе добар играч. Тоа го прават знаењето, системот, секојдневната работа и квалитетниот тренер. Ако и во следните десет години продолжиме да зборуваме само за тоа колку пари ќе добие кој клуб, наместо какви играчи ќе создадеме, тогаш не треба да се прашуваме зошто не одиме напред.

Време е повторно главна тема во македонската кошарка да станат детето, тренерот, знаењето и развојот. Само така можеме да очекуваме иднина поинаква од сегашноста“.

ПретходноКадетите пред ЕП ќе одиграат две контроли со Грција
СледноСудии од Малта на мечот Вардар – Рига, Полјаци на реваншот во Летонија