Сејдини излезе од притвор, понудил гаранции од 1,1 милион евра

197

Основниот кривичен суд Скопје го укина притворот за поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, откако судија на претходна постапка ја прифати понудената гаранција во вредност од над 1.150.000 евра.

Како што соопшти Судот, гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот. Истовремено, за да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката, на Сејдини му е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа.

Сејдини беше приведен по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 24 април годинава му беше определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоци во истрагата. Подоцна, мерката му беше продолжена со одлука на Кривичниот совет.

Обвинителството го сомничи Сејдини за проневера на повеќе од 700.000 евра поврзани со изградбата на трибината на стадионот во Охрид, како и за милионски финансиски злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија.

ПретходноМечувалците се враќаат со одлични настапи од СП во Хонг Конг
СледноИграше на Мундијалот, а сега дивеел со автомобил и бил позитивен на кокаин