Ако по утрото денот се познава, а во принцип е така, тогаш тимот на Башкими од Куманово ќе биде вистински херој ако до крај ја одигра тукушто започнатата ПМФЛ сезона.
Ваков впечаток остави тимот од Куманово денеска на гостувањето кај Силекс во Кратово, каде што настапи со шест младинци, и каде што домаќинот обезбеди стартна победа во новото првенство од 6:0.
Што да се напише за меч во кој што едниот од учесниците изгледаше како да е дел од не прва, не втора туку трета македонска лига, популарно наречен регион.
Не е Силекс „виновен“ што со пола сила даде шест гола, два му беа поништени поради судиска одлука, а можеше да постигне уште минимум толку.
Едноставно мечот имаше само еден правец уште од самиот старт. Силекс погоди во третата и осмата минута, преку Илиески и автоголот на гостите. Следуваше голот на Делимеџац во 30 минута и така се замина на полувреме.
Ништо поинаква слика во продолжението, каде што Силекс постигна уште три гола преку Шеро, Хасукиќ и Манојлов, во темпо кое што може слободно да се долови и на обичен тренинг, ништо повеќе.















