Толку од Вардар во Европа! До тренерот е, а тренерот има менаџер…

1577

Штетата е направена многу порано откога истата се случи! Вардар експресно е елиминиран од Европа во оваа натпреварувачка сезона на УЕФА која речиси и сеуште не е почната во буквална смисла на зборот. Не го дочекаа ниту август…

А шансата беше на прагот, шанса која ретко се добива и можност која „црвено-црните“ како прваци на Македонија ја имаа за подолг престој на евро сцената (на пример како Шкендија лани).

Елиминација во квалификациите од Лигата на шампионите од финскиот првак КуПС (4:3 вкупен резултат), а истата приказна и од летонската Рига (8:4 вкупен резултат), во групата на „лузери“ во Конференциската лига. И така не бива, и тука квалитетот е тој, организацијата е бедна, визијата мизерна, амбициите да се биде „прв во село“!

Ќе кажеме леле колку беше сето тоа блиску, за малку, “ќе“, “ќе“ и уште многу такви “ќе“ и “за малку..“, иако тоа малку со ситни луѓе е премногу големо. Затоа и штетата е направена многу порано откога истата се случи но кој да процени, кој да пресече, кој да удри на маса… Никој! Нема таков, има само денес за утре и комбинациите. Да тече работата, да капе чешмата…

За големи работи треба и голем тренер, Фабиани е приказна сама за себе

Кристијан Фабиани! Аргентински тренер, тренер со визии, со знаења со понуди од селекции, клубови… Такви беа најавите за големиот тренер со светски квалитети и тренер кој не знае да „бекне“ освен шпански и да собира преве-“дувачи“ околу себе. Или си тренер, комплетен тренер со сите салтанати или седи си дома во Аргентина или таму каде што зборуваат шпански па таму продавај теории за формации.

фото: Riga FC@RigaFC_Official (X)

Тука во Вардар се виде и формација и тактика и се… Се видоа крупните грешки на „големиот„ тренер кои беа фатални на сите четири натпревари. Посебно измените и посебно како тоа екипата стоеше во екстра времето и на дуелот во КуПС, а и синоќа во Рига. Кататстрофа! Вардар на пример синоќа загуби кога го постигна голот за 0:2, кога беше на прагот на сезнација. Да го вадиш Омерагиќ неколку секунди откако даде гол. А притоа тој ти е единствен шпиц!? Или немаш врска од фудбал или си тренер кој не гледа што се случува на теренот? Да посегнеш по Дурански, малиот Цветковски а на клупата имаш играчи како Спахиу, Тодоровски… Штета!

Тој бункер, таа „викторија“ беа фатални и без успешна крајна цел. Да, секоја чест 0:2 со играч помалку (оправдано покажан црвен), но и оваа но и елиминацијата од КуПС беа „сервирани“ во Скопје. Европа е ова, губиш дома, а потоа одиш на чудо, на сензација – но каде е таа игра дома кога треба да се нападне, да се победи.

Менаџерот на тренерот и „неговите“ играчи

А Фабиани си тера по она старото: „Игравме добро ама загубивме…“. Тоа веќе никаде не поминува. Што ќе му е сега на Вардар така скап и странски тренер за лига во која е очајно слаба и неинтересна. Но и играчите – засилувањата. Герсон Родригес има одреден квалитет, но има таква ароганција и недисциплина со која се вклопи иделано во „испуштените конци“, на стручниот штаб врз клупата и играчите. Оној Пирес е добар за во Силекс, но далеку е тој од есктра засилување и за таа плата која ја зема во Вардар. Недисциплината и слабата клонтрола врз екипата се виде и во Рига по оној хаос, мешаница – па дали е тоа нормално!? Црвени картони за тренер, масер… Катстрофа однесување без разлика на тоа што и како се случувало во и околу клупите. Ова е Европа, ова е Вардар и треба да се има имиџ, големина, достоинство, а не селско однесување како на пазар. Срамота! Казните клубот ќе ги плати. А да, тука за играчите и фамозниот еден и единствен Мичо Рогановиќ од Црна Гора. Единтвениот кој има ексклузивни права да носи фудбалери па ете и тренери во Вардар (цела клапа).

А фудбалерите кој од кој… Па овој Вардар сега е 10 пати послаб од оној лани што играше во Европа. Тој Вардар со Мато и Донгмо во споредба со Торес, Пуелио, Родригес… Очај! Битно се си тече според планот а „вардарците“ нека си се тешат со тоа: „Уф за малку…“. Малку ама некој многу профитира во клуб кој е АД и во клуб каде има едноумие и ништо повеќе. Струката на Фабиани иста како и кај Седлоски. Долг јазик, отворени уши… и до тука! Кој што кажал, а притоа да се нема ништо во главата од фудбал. А кога сме кај Рогановиќ и Црна Гора.

Па таа земја е уникат во Европа и евро-куповите во кои нивните екипи ги загубија сите можни натпревараи. Толку! Се е кажано, земете уште некој играч додека сеуште трае преодниот рок. Да се има фондови за „црни денови“, денови кои доаѓаат по ова фијаско кое му се случи на првакот цело ова лето. Прво со утнатите подготовки, па со утнатите засилувања, а времето покажа дека и тренерот не е на потребното ниво. Затоа „реконтрукција“ во најава…! Спас друг нема, затоа и трибините се празни.

ПретходноДробаров ќе игра на Малта
СледноКадетите стартуваат со „пеколната“ европска мисија, прв противник е Словенија