Ана Стојков, од ракомет до прва Македонка со ФИФА лиценца за фудбалски менаџмент: Не дозволувајте некој да ви каже дека нешто не можете затоа што сте жена!

152
Фото архива - Ана Стојков

Марија Ковачева

По некое непишано правило, фудбалот сè уште најчесто се доживува како машки спорт, без разлика за која улога или позиција станува збор. Но, „Женски Спортски Приказни“ од месец во месец, преку бројни успешни примери, ги руши овие стереотипи, претставувајќи жени кои се почитувани во својата професија и градат уникатен пат.

Ана Стојков е една од нив. Не случајно велиме дека нејзиниот пат е уникатен. Во македонската јавност нејзиното име е синоним за ракомет, но неодамна таа направи значаен чекор и во светот на фудбалот. Ана е првата Македонка која се стекна со ФИФА лиценца за фудбалски менаџмент, што ѝ овозможува да биде менаџер на најголемите светски фудбалски ѕвезди, како Килијан Мбапе, Кристијано Роналдо, Лионел Меси и многу други.

Приказната на Стојков започнува со ракометот. Таа е поранешна ракометарка, беше директор на РК Вардар и ЖРК Вардар, а ја извршуваше и функцијата извршен директор на ЖРК Атлетик. Иако најголемиот дел од својата кариера го посвети на ракометот, љубовта кон фудбалот постои уште од најрана возраст и воопшто не е нешто што се појавило неодамна.

🎯Од ракометарка до прва Македонка со ФИФА лиценца за фудбалски менаџмент. Зошто одлучи да се надградуваш токму во овој спорт, а не да продолжиш во ракометот? Од каде дојде желбата за фудбалот?

„Љубовта кон фудбалот ја носам уште од најмали нозе. Мојот татко рекреативно играше фудбал, но беше и главен доктор на екипата на ФК Силекс и уште како мало девојче ме носеше со себе на тренинзи и натпревари на екипата. Со огромна желба ги следев сите случувања на теренот и надвор од него, целата комуникација помеѓу играчите, тренерите, докторите, целиот стручен тим. Таа нивна посветеност, дисциплина, упорност, борбеност, енергијата помеѓу нив и целото тоа опкружување направи да се роди мојата љубов кон овој спорт. Иако животот ме одведе во ракометот, никогаш не престанав да го сакам фудбалот.

Искрено, го сакам секој спорт, затоа што спортот создава карактер, дисциплина, упорност, борбеност и почит. Кога се појави можноста да полагам за ФИФА лиценца, почувствував дека тоа е вистинскиот чекор за мене. Не го гледам како заминување од ракометот, туку како ново поглавје и нов предизвик“.

🎯Како изгледаше процесот на едукација за стекнување на ФИФА лиценцата и кој беше најголемиот предизвик за време на тој пат?

„Не беше лесно, но токму затоа овој успех ми значи уште повеќе. ФИФА регулативите бараат многу голема посветеност и разбирање. Можам да кажам дека до некој степен се и слични како во ракометот, но сепак имаат поголема тежина, попрецизни се, за секоја ситуација има посебни правила. Се внимава буквално на сите ситници.

Еве на пример и покрај тоа што ја имам лиценцата, поминувам повеќе курсеви и тестови на секои 3 месеци и така ја обновувам, односно не следат сите дека сме активни. Во случај доколку не си активен, се замрзнува лиценцата и немаш право на работа со истата.

Најголемиот предизвик беше што сум мајка на две прекрасни дечиња, а едното во тој период имаше 1 година. Некои денови учев до доцна навечер, но никогаш не помислив да се откажам. Во животот секогаш ќе има причини да се откажеш, но ако нешто навистина го сакаш – секогаш ќе најдеш причина да продолжиш“.

🎯Што научи за време на подготовката за ФИФА лиценцата за фудбалски менаџмент и кои европски практики би сакала да ги видиш применети во македонскиот спорт?

„Научив дека професионалноста, довербата и чесноста се темел на секој успех. Би сакала и кај нас да има уште подобра организација, поголема транспарентност и многу повеќе вложување во младите категории, бидејќи токму таму се создава иднината на македонскиот спорт“

🎯Менаџерските „води“ за тебе не се непознати. Цели 11 години беше менаџер на РК Вардар 1961 и беше дел од клубот кој ја испиша најголемата европска приказна во македонскиот спорт. Какво искуство носиш од тој период?

„Тоа беа години исполнети со многу работа, радости, предизвици и незаборавни моменти. Работев најпрво со женскиот тим, врвни спортисти и професионалци, со кои бевме на пет завршници во најелитното натпреварување во Европа, ЕХФ Фајнл-Фор во Лигата на шампионите кои се одржуваа во Будимпешта, Унгарија. Потоа и со машкиот тим со кој се качивме по втор пат на врвот во Европа.

Целата организација во текот на сезоните бараше поголема концентрација, ангажираност и посветеност, точни и прецизни одговори, координација помеѓу сите вклучени во настаните. Но јас секогаш работев со многу голема љубов, се трудев да бидам максимално посветена, искрена, коректна, љубезна и секогаш гледав се да биде завршено на највисоко професионално ниво.

Искуството кое го стекнав низ годините е огромно, а се градеше преку контактите со екипите, менаџерите, официјалните лица на натпреварите, новинарите, начинот и стилот на комуникацијата, искуствата во решавањето на секојдневните “проблеми” и се што попатно се случуваше. Едноставно со самиот факт што бев дел од Европската елита, кажува многу за се што стекнав“.

🎯Беше сведок на најубавите моменти, но и на најтешките периоди на клубот. Кој момент од тие 11 години најмногу те обликуваше како професионалец и човек?

„Најубавиот момент без размислување е освојувањето на Лигата на шампионите во 2019 година. Тоа беше момент кога сите верувавме еден во друг. Дишевме како едно семејство и никој не се откажуваше. Таквите моменти те учат дека успехот не се гради само со квалитет, туку и со доверба, пожртвуваност и огромно срце како на терен, така и надвор од него“.

🎯Во Македонија, особено во спортот, сè уште постојат стереотипи кога станува збор за жените на раководни позиции. Колку беше тешко да се изградиш и да бидеш прифатена како жена менаџер во една доминантно машка средина?

„Беше голем предизвик, бидејќи спортот најчесто се поврзува со машка професија. Но никогаш не сакав тоа да ми биде пречка. Верувам дека жените носат посебна енергија, емпатија и трпение. Сакам преку мојата работа да покажам дека жените заслужуваат еднаква почит и можности во секоја професија“. 

🎯Кое искуство од ракометот најмногу ти помогна во фудбалскиот менаџмент?

„Ракометот ме научи на дисциплина, организација и почит кон луѓето. Денес тоа многу ми помага и како ФИФА агент. За мене секој играч е пред сè човек и секогаш се трудам и ќе се трудам да работам чесно и во негов најдобар интерес“.

🎯Каде го гледаш македонскиот спорт кога станува збор за професионален менаџмент и што најмногу ни недостасува за да се доближиме до европските стандарди?

„Верувам дека имаме многу талентирани деца. Потребно е повеќе да се вложува во клубовите, во младинските категории, во инфраструктурата и во едукацијата. Би сакала да има повеќе работилници и средби со спортски психолози и искусни професионалци, бидејќи менталната подготовка е исто толку важна како и физичката. Во однос на менталната подготовка, посебно внимание треба да се обрне во женскиот спорт, бидејќи жените треба да се негуваат на посебен начин, како би дошле до посакуваниот резултат“.

🎯Долго време си дел од ракометот. Што сметаш дека конкретно треба да се промени кај женскиот спорт за да можеме да бидеме поконкурентни на европско и светско ниво?

„Пред сè, потребно е повеќе внимание и континуирано вложување во женскиот спорт. Девојките заслужуваат исти услови за работа, квалитетни тренинзи, подобра инфраструктура и стручни лица кои ќе работат со нив од најрана возраст. Исто така, многу е важно да се вложува и во нивната психолошка подготовка, бидејќи самодовербата и менталната стабилност често ја прават разликата во најважните моменти. Убедена сум дека Македонија има талентирани спортистки, само треба да им создадеме услови тие таленти да се развиваат и да останат во спортот“.

🎯Што би им препорачала на сите дами кои сонуваат за кариера во спортот, но не како спортистки, туку во менаџментот и организацијата?

„Никогаш не престанувајте да верувате во себе. Не дозволувајте некој да ви каже дека нешто не можете затоа што сте жена. Работете чесно, учете секој ден и бидете борбени, упорни и трпеливи.

Да кажам лично за себе, мојата желба е луѓето да ме паметат како човек кој работел искрено, ги почитувал луѓето и помогнал барем на еден млад спортист да го оствари својот сон“.

🎯Истовремено имаш компанија за спортски менаџмент и логистика која соработува со европски ракометни гиганти кои доаѓаат во Македонија. Какви се барањата на големите клубови кога доаѓаат кај нас? Дали имаат посебни стандарди и барања?

„Поголемиот дел од нивните барања се сосема нормални и очекувани. Големите клубови се многу професионални, сакаат сè да биде добро организирано, навреме договорено и секој да си ја заврши својата работа. Кога ќе им обезбедите добра комуникација и сигурност дека сè ќе функционира како што е договорено, соработката е навистина лесна и пријатна. Токму тоа е нешто што секогаш се трудам да им го понудам“.

🎯Кои се твоите идни планови? Со оглед на тоа дека беше дел од ЖРК Атлетик, а веќе влезе во фудбалскиот менаџмент, дали планираш да продолжиш паралелно на повеќе фронтови?

„Во овој период мојот целосен фокус ќе биде насочен кон работата како ФИФА лиценциран агент. Верувам дека успехот доаѓа кога целосно ќе се посветите на една цел, а токму тоа е мојата намера. Сакам да изградам сериозна и професионална кариера, да создадам доверба кај играчите и клубовите и со чесна и посветена работа да оставам свој белег во фудбалот. Пред мене има многу предизвици, но и многу мотивација, и со нетрпение очекувам сè што следува“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноЛесли Ворнер е третото странско засилување за МЗТ Скопје
СледноАрис му дозволи на Димитријевиќ да игра за Македонија против Австрија