Македонија повторно домаќин на европската младинска кошарка

74

Македонија уште еднаш ќе биде во центарот на европската младинска кошарка. Од 6 до 15 август, Кошаркарската федерација на Македонија ќе биде организатор на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години, уште едно големо натпреварување под покровителство на ФИБА, кое ќе ги обедини најдобрите европски кадетски селекции.

Довербата што ФИБА повторно ѝ ја укажува на Кошаркарската федерација на Македонија е потврда за успешната организација на претходните меѓународни натпреварувања и за високите стандарди кои Федерацијата континуирано ги поставува во организацијата на европските шампионати. Во изминатите години Македонија беше домаќин на повеќе младински европски првенства, а со организацијата на У16 Евробаскетот уште еднаш ја потврдува својата позиција на сигурен и доверлив партнер на европската кошаркарска федерација.

Домаќини на шампионатот ќе бидат Скопје и Гевгелија, два града со богата спортска традиција и значајно место на кошаркарската мапа на Македонија.

Во Скопје, натпреварите ќе се играат во „Т Арена“, современ спортски објект кој во изминатите години беше домаќин на бројни домашни и меѓународни кошаркарски настани. Како главен град, Скопје повторно ќе ги отвори своите врати за младите европски кошаркари, официјалните лица и бројните љубители на кошарката.

Гевгелија, град кој веќе има богато искуство во организација на европски кошаркарски натпреварувања, повторно ќе биде важен дел од шампионатот. Натпреварите ќе се играат во спортските сали „НБ Ноел“ и „26 Април“, објекти кои и претходно успешно биле домаќини на меѓународни кошаркарски настани и кои нудат одлични услови за игра и организација.

Со организацијата на ова Европско првенство, Кошаркарската федерација на Македонија продолжува да ја реализира својата стратешка определба – преку успешно домаќинство на големи меѓународни натпреварувања да придонесува кон развојот и афирмацијата на македонската кошарка, но и кон промоцијата на државата како препознатлива спортска дестинација во Европа.

ПретходноНОВИ 52 МИЛИОНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА: ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА ИСПЛАТИ  НАД 2 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ВЛТ ЏЕКПОТ ДОБИВКИ
СледноФИБА ги издвои македонските рекордери пред стартот на Евробаскетот во Скопје и Гевгелија