Вечерва од 21 часот на “Истер Роуд“ стадионот во Единбург, во првиот меч од 3.квалификациска рунда, Шкендија му гостува на силниот состав на Хиберниан. Клуб од Шкотска кој денеска слави 151 година од своето постоење.
Сепак, Шкендија сака, Шкендија може и Шкендија знае како треба во Европа. Во својот 74-ти европски меч, македонскиот претставник, оди на добар резултат, за да во реваншот во Скопје следниот четврток стави “печат“ на уште еден пласман во плеј – офот во фудбалска Европа, четврти во клупската историја.
Шкендија по ланскиот пласман во лигашката фаза во ЛК, како и по пласманот во 1/16 финалето, по првпат дочека европска пролет, за првпат во историјата на мак – фудбалот, сама си ја подигна летвичката на успехот. Јасно е дека сепак секоја година не може да се игра во групната или лигашката сезона, но затоа секоја година сега амбициите се тие.
Од друга страна можеби непознат, но опасен и силен ривал имаат тетовци вечерва. Тоа го кажаа самите од Шкендија вчера на пресот, а го кажа и Бојан Миовски за нашите читатели, кој во Шкотска како играч на Абердин и сега Ренџерс, во неколку наврати имал можност да игра против Хиберниан.
Затоа во овој двомеч Шкендија не е аутсајдер, па во ждрепката за 3.кцвалификациско коло беше носител и секако сака да оди уште еден чекор напред во Европа и ова лето.
Проблем е неиграњето на голманот Бабукар Гаје и левиот бек Бојан Димоски, и двајцата поради повреди, но секој што ќе се најде во составот на нивно место секако дека има квалитет да ги одигра вечерашните 90.минути во Единбург.
Македонската јавност и фановите на Шкендија очекуваат добар настап на тетовци, ќе можат на МТВ 2 низ директен пренос да ги следат настаните од „Истер Роуд“ стадионот а и да навиваат за нашиот претставник. Секоја победа и секој пласман на Шкендија во следното коло носи рејтинг – поени за мак – фудбалот, барем за тоа да се навива.
На крај да споменеме дека мечот ќе го суди Менелаос Антониу од Кипар, а и неговите помошници и ВАР судии, исто се од Кипар.
И сосема за крај, победникот од овој двомеч меѓу Хиберниан и Шкендија, во плеј – офот за влез во лигашката фаза во Лигата на Конференции ќе се сретне со подобриот од двомечот Гетеборг – Гент.










