Победа пред згаснување, нема да биде дел ниту од третата лига

238

До кога македонската фудбалска, па ако сакате и спортска јавност ќе се бави со згаснувања, релегации, одбори за спас, апел за помош и слични срцепарателни тип на теми, текстови и соопштенија? На ова прашање одговорот е едноставен. Се додека нашите легендарни спортски колективи не додјат во рацете на професионалци односно не бидат одземени од рацете на анонимуси, мешетари, ликови со криминални досиеја, и луѓе кои брзиот профит е најважен, не прашувајќи за цената и последиците. Е до тогаш….

Во насока на ова, кога веќе во тој кош се еден Шкупи, еден Работнички, двата шампионски клуба, еден Пелистер, сите три членови на ВМФЛ конкуренцијата, во најлоша ситуација е ФК Победа.

Прилепскиот фудбалски бисер, кој што не само што не е второлигаш, не само што е дел од третата лига, популарно наречениот регион, туку најверојатно прилепчани нема да го стартуваат шампионатот ниту во оваа конкуренција!!!

Неверојатно но вистинито. Од Прилеп денеска пристигнуваат катастрофални информации дека на десетина дена од стартот на новиот шампионат во третата лига, ФК Победа ајде што нема почнато подготовки, туку клубот како да не постои во моментов. Сопствениците, оние за кои што се најавуваше дека во Прилеп ќе донесат инвестиција, американски пари, фудбалски препород, одамна ги нема под „Марковите кули“. Заминаа уште пред една година и повеќе можеби. Клубот е тотално мртов, се чека само некој и да го прогласи за таков. Е до тоа „дереџе“ стигна Победа. Нема управа, нема тренери, нема играчи, нема ништо. Има стадион, празни трибини, и спомени дека еднаш во Прилеп се играше фудбал, и тоа шампионски, европски….

Конечно, од ОФС Прилеп сето ова го официјализираат со соопштение во кое се потенцира за состојбата на ФК Победа и се алармира во каква ситуација е самиот клуб во моментов. Дека следната недела ќе мора да се знае точниот број на учесници во следната натпреварувачка сезона, а таму ФК Победа нема да ја има.

СООПШТЕНИЕ ОД ОФС ПРИЛЕП И ЦЕНТРАЛЕН ФУДБАЛСКИ РЕГИОН 4

Со новата реорганизација на ФФМ седиштето на новоформираниот Централен фудбалски регион 4 е во Прилеп.

Во текот на следната недела Управниот одбор на Регион 4 треба да ја донесе конечната листа на учесници во натпреварувањето од сезона 2026/27. Ние како ОФС Прилеп, директно засегнати за клубовите од Општина Прилеп, следејќи ја неизвесноста за понатамошно функционирање на ФК Победа АД Прилеп и како не би дошле во ситуација да ФК Победа АД не го започне натпреварувањето, би претставувало голем срам за фудбалот во Прилеп. ФК Победа АД не заслужува неизвесност. Клуб со толкава традиција, богата историја и верни навивачи, заслужува јасно раководство, транспарентност и конкретен план за иднината. Време е зборовите на инвеститорот да се претворат во дела, во интерес на клубот, младите фудбалери и градот Прилеп. Доколку таканаречените инвеститори немаат јасен план за иднината на клубот, време е да го остават клубот под капата на Општина Прилеп и градоначалникот Дејан Проданоски.
Особено загрижува состојбата со младинските категории, кои треба да бидат темелот на секој успешен клуб. Без континуирани вложувања, квалитетна организација и долгорочна визија, тешко е да се очекува враќање на ФК Победа АД на местото што и припаѓа. Во периодот кој следи започнуваат натпреварувањата во Младинските категории, а моменталната ситуација е загрижувачка. Со право е загриженоста на родителите на децата кои тренираат во клубот, време е да знаат што понатаму, тие треба да бидат иднината на фудбалот во Прилеп, а не да играат по другите градови. Доста со пишување и препукување, време е за конкрети чекори и дела, нема време за чекање.

 

 

ПретходноШкендија сака, Шкендија може, Шкендија знае како…
СледноОфицијално: Салах е нов играч на Трабзонспор