✍Сашо Кузмановски
Тамара Атанасова денеска е една од лидерките на македонската одбојкарска репрезентација. Спортистка која доаѓа од едно исклучително спортско семејство, девојка која успеа да ги пробие границите на спортска Македонија и да го проба вкусот на интернационалната кариера, која успешно работи со младите генерации и која одбојката и спортот ги чувствува како своја природна средина.
За предизвиците низ кариерата, за местото на жените во спортот во Македонија, за младите и нивното активно вклучување во спортот и за тоа дали спортот може да биде женска професија, ќе прочитате низ денешниот разговор со актуелната одбојкарка на шампионот Работнички.

🏐Кога се враќаш на самите почетоци, што беше пресудно да ја избереш токму одбојката? Кој најмногу влијаеше врз тебе во тие први чекори?
„Потекнувам од спортска фамилија, па некако беше очекувано и јас да тргнам по тој пат. Најголемо влијание врз мене имаа моите родители, кои отсекогаш ме поддржуваа и ми ја всадија љубовта кон спортот. Одбојката беше првиот спорт што почнав да го тренирам уште како дете и уште од самиот почеток се пронајдов во неа. Никогаш не почувствував потреба да пробам нешто друго, бидејќи одбојката ми стана повеќе од спорт – стана дел од мојот живот. Со текот на годините, таа љубов само растеше и ме мотивираше секој ден да работам уште повеќе“.
🏐Како се менуваше Тамара Атанасова како одбојкарка низ годините? Што денес знаеш и умееш, а би сакала да си го знаела кога почнуваше?
„Со годините сфатив дека одбојката не е само физичка подготвеност и техника, туку и карактер. Научив да бидам потрпелива, да не се обесхрабрувам по лош натпревар и да извлекувам поука од секоја ситуација. Би сакала уште на почетокот да знаев дека напредокот не е секогаш линеарен – има подеми и падови, но ако си дисциплиниран и упорен, резултатите секогаш доаѓаат“.
🏐Носењето на дресот на македонската репрезентација има посебна тежина. Што за тебе значи да ја претставуваш Македонија и кој настап ти останал најдлабоко во сеќавање?

„Носењето на дресот на македонската репрезентација е најголемата чест што може да ја има еден спортист. Тоа е посебно чувство, но и голема одговорност, затоа што знаеш дека не се бориш само за себе, туку ја претставуваш целата држава. Секогаш кога ќе го облечам репрезентативниот дрес, чувствувам огромна гордост и дополнителна мотивација да го дадам својот максимум на теренот. Ако треба да издвојам еден настап што засекогаш ќе ми остане во сеќавање, тоа е победата над Луксембург пред домашна публика. Тоа беше прва победа на женската сениорска репрезентација по 17 години и еден навистина емотивен момент за сите нас. Да се биде дел од таа генерација и да се почувствува радоста со соиграчите и публиката е нешто што никогаш нема да го заборавам“.
🏐Една сезона настапуваше во Шарџа во Обединетите Арапски Емирати. Како беше прифатена како жена спортист во тој дел од Блискиот Исток?
„Искуството во Шарџа беше навистина посебно за мене. Условите за работа беа на многу високо ниво, од организацијата и тренинзите до целокупната грижа за спортистите. Како жена спортист бев одлично прифатена. Последните години таму сè повеќе се вложува во женскиот спорт и сè повеќе девојчиња се охрабруваат да тренираат и активно да се занимаваат со спорт. Навистина беше убаво да се види тој напредок и ентузијазам. Она што најмногу ме радуваше беше кога ќе видиш дека можеш да бидеш пример и мотивација за некое младо девојче да започне да тренира. Мислам дека тоа е една од најубавите работи што може да му се случат на еден спортист – да инспирира некого да го избере спортот и да верува во своите можности“.

🏐Често се зборува за родова еднаквост во спортот. Дали сметаш дека денес жените спортисти имаат еднакви услови, медиумско внимание и поддршка како мажите?
„Мислам дека денес ситуацијата е многу подобра за разлика од порано. Женскиот спорт добива сè поголемо внимание, има поголема медиумска застапеност и поддршка, што е навистина позитивен чекор. Сепак, сметам дека сè уште има простор за напредок, особено кога станува збор за инвестициите, условите за работа и континуираното медиумско следење на женските екипи и спортистки. Верувам дека квалитетот, посветеноста и резултатите немаат пол. Кога спортистите добиваат еднакви можности, тогаш можат целосно да го покажат својот потенцијал. Затоа се надевам дека во иднина разликите ќе бидат уште помали, а женскиот спорт ќе ја добие поддршката што ја заслужува“.

🏐Колку е важно успешните спортистки јавно да зборуваат за своите искуства и да бидат пример за новите генерации? Дали чувствуваш таква одговорност?
„Сметам дека е многу важно успешните спортисти да зборуваат за своите искуства, затоа што младите најлесно учат преку примери. Не е важно да ги споделуваме само успесите, туку и предизвиците, неуспесите и трудот што стои зад секој резултат. Така децата сфаќаат дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку со многу работа, дисциплина и истрајност. Да, чувствувам одговорност, особено затоа што секојдневно сум во контакт со деца и знам колку е важно да имаат позитивни примери. Ако со мојата приказна успеам да мотивирам барем едно дете да започне да спортува или да не се откаже од својата цел, тогаш сметам дека сум направила нешто навистина вредно“.
🏐Дали некогаш си почувствувала дека како жена спортист треба повеќе да се докажуваш отколку што тоа е случај кај машките спортисти?
„Во самите почетоци, не размислував на тој начин. На тренинзи одев пред сè поради љубовта кон одбојката и желбата да напредувам, без да се споредувам со машките спортисти или да размислувам дали треба повеќе да се докажувам.
Но, како што поминуваше времето, доаѓаа резултатите и стекнував повеќе искуство, понекогаш се чувствуваше дека како жена спортист треба дополнително да се докажеш за да добиеш исто признание и почит. Сметам дека денес ситуацијата е многу подобра отколку порано, но сè уште има простор за напредок, како што напоменав и претходно. Сепак, никогаш не сум дозволила тоа да ме обесхрабри. Наместо да се фокусирам на тоа што не можам да го променам, секогаш сум се трудела мојата работа, дисциплина и резултатите на теренот да зборуваат за мене. Верувам дека токму со квалитетни настапи и континуирана работа можеме да придонесеме женскиот спорт да добива сè поголема почит и вреднување“.

🏐Колку се важни медиумите во промоцијата на женскиот спорт?
„Медиумите имаат огромна улога во промоцијата на женскиот спорт. Колку повеќе се следат и се промовираат успесите на спортистките, толку поголема е видливоста на женскиот спорт и интересот кај младите да се вклучат во него. Мислам дека медиумите не само што информираат за резултатите, туку и создаваат инспиративни приказни. Кога едно девојче ќе види успешна спортистка на телевизија, во весник или на портал, многу полесно ќе поверува дека и тоа може еден ден да ги оствари своите соништа. Затоа сметам дека медиумите се важен партнер на спортот. Со поголема медиумска поддршка, женскиот спорт ќе добива поголемо признание, повеќе публика и ќе мотивира уште повеќе девојчиња да започнат да тренираат“.
🏐Од пред извесно време заплови и во брачните води. Колку за жените-спортисти бракот претставува пречка за натамошно успешно продолжување на кариерата?
„Не мислам дека бракот треба да биде пречка за успешна спортска кариера. Напротив, кога покрај себе имаш личност која те разбира и те поддржува, многу полесно се справуваш со сите предизвици што ги носи професионалниот спорт. Јас имам среќа што мојот сопруг е кошаркарски тренер, па и тој е дел од спортскиот свет и добро ги разбира сите обврски, откажувања и предизвици што ги носи една спортска кариера. Уште пред да стапиме во брак, па сега и како сопруг, секогаш ми бил огромна поддршка и човек кој верува во мене и во моите цели. Сметам дека вистинскиот партнер не треба да биде ограничување, туку дополнителна сила и мотивација. Кога постојат разбирање, доверба и поддршка, бракот може само да придонесе да бидеш уште посилна и како личност и како спортист“.

🏐Кои се најголемите пречки со кои денес се соочуваат младите девојки што сакаат професионално да се занимаваат со спорт?
„Мислам дека една од најголемите пречки со кои се соочуваат младите девојки е недоволната поддршка и свесност дека спортот може да биде вистинска професија и пат кон успех. Често сè уште постојат предрасуди дека спортот не е доволно сигурен избор за девојчињата, па некои се откажуваат уште на почетокот. Исто така, потребни се повеќе можности, подобри услови за тренинг и поголема видливост на женските спортови, за младите девојки да имаат свои идоли и примери по кои ќе се водат. Но, верувам дека најважни се желбата и истрајноста. Кога едно девојче има поддршка од семејството, добар тренер и вистинска мотивација, тогаш може да ги надмине сите пречки. Затоа е важно сите ние што сме поминале низ тој пат да им покажеме дека со работа, дисциплина и верба во себе можат да ги остварат своите соништа“.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





