Ново “црвено-црно“ мега-дерби: Дуел на гигантите – Вардар VS Шкендија!

113

Денеска е фудбалски празник во Македонија. Денеска од 17 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје спектакл. Ново “црвено – црно“ мега- дерби меѓу гигантите во мак – фудбалот. Во меч од 2.коло во новата 2026/27 сезона силите ќе ги одмерат Вардар и Шкендија. Шампионот против ЕВРОПСКА Шкендија. Меч кој, како и да заврши, нема ништо да одлучи, до крајот на сезоната ги чека уште три вакви меѓусебни дуели, но сепак меч кој може јасно да ги постави насоките кон кои ќе се движат нашите најдобри екипи, нашите најголеми клубови.

Познато е дека честа да го суди дерби му припадна на Стојанче Трпчевски, еден од нашите најдобри судии во моментов. Ова ќе биде меч, супер – дерби за покажување на моменталната сила. Вардар е во мала предност поради фактот дека играчите на Шкендија во четвртокот имаа меч во Шкотска во Лигата на Конференции а веќе за неколку дена ги чека реваншот со Хиберниан, додека вардарци се подготвуваа само за ова дерби.

Сепак кога играат Вардар и Шкендија нема замор, има мотиви до небо. Ова е меч кој има големо значење и за фановите на двете екипи.

ШАМПИОНОТ Е ПОД ПРИТИСОК

Нема дилеми дека Вардар е под притисок. Посебно по очајниот настап во Европа каде стратегот Кристијан Фабиани едноставно покажа дека не беше подготвен на секаков начин да го носи тимот што подалеку во Европа. За разлика од Вардар, Шкендија има шанса и ова лето да игра плеј – оф. Фановите на Вардар денеска ќе ја дадат поддршката, тука нема дилеми, но и стравуваат. Свесни се и тие дека во случај на пораз и дефинитивно проблемите ќе излезат на виделина и тоа како. Веќе во следното коло Вардар ќе и гостува на Струга ТЛ, а овој Вардар не смее во серија да наниже два порази. Затоа притисокот е кај шампионот. Шкендија колку и да сака да каже дека денеска Вардар е приоритет, тешко дека ќе го избегне во мислите реваншот против тимот од Шкотска.No description available.

ПОЛОЖАНИ ПРОТИВ “СВОЈОТ“ ВАРДАР

Интересно. Шефот на струката на Шкендија, Артим Положани, кој е легенда на клубот од Тетово, денеска за првпат како тренер ќе се соочи против својот некогашен клуб – Вардар. Имено тој во два наврати 2008/09 и 2010 година беше играч на скопските “црвено – црни“ за кои одигра 21 првенствен меч и забележа пет голови. Сепак, јасно е дека кај Положани нема емоции, тоа е историја, тој е “дете“ на Шкендија и денеска силно посакува победа, но ќе мора малку да мисли и на четврток. Реално дека тој реванш со Хиберниан во овој дел од сезоната е многу поважен отколку денешното дерби со Вардар, а и онака има проблеми со повреди зошто денеска не ќе може да смета на Гаје, Амзаи, Димоски и Спахиу.

НА ПОСЛЕДНИТЕ 10 МЕЧА ТЕТОВЦИ СО ШЕСТ ПОБЕДИ

Кога сме кај меѓусебните дуели, разбирливо е дека Шкендија на последните 10 натпревари има подобар биланс. Велиме разбирливо ако се знае каде беше Вардар во изминатите 4-5 години, дури минатата сезона се врати на тронот во мак – фудбалот. Шест победи на Шкендија, две ремија и само две победи за Вардар и двете во минатата сезона и тоа со 0:1 во Тетово и на последниот 3:0 во Скопје кога се славеше титулата во последното коло од минатата сезона.

Но, рековме веќе, сето тоа е историја, до 17 часот кога почнува дербито ќе се анализира, ќе се коментира, за да потоа на теренот играчите на двете екипи тргнат во победа за својот тим.

Вардар VS Шкендија! Мега – дерби за фудбалско уживање.

ПретходноТим од Перу промовираше дрес со 1.000 спонзори на него!
СледноЛука Трпески ја почна сезоната со хет-трик и гол „Ала Меси“ (ВИДЕО)