Ракометната традиција продолжува: Струга подготвена за 54. издание на меѓународниот турнир

31

Еден од најстарите и најпрепознатливи спортски настани во земјава, Меѓународниот ракометен турнир „Струга“, продолжува и ова лето. Од 12 до 15 август, Струга повторно ќе живее со духот на ракометот, традицијата и спортската енергија. Македонски Телеком, како долгогодишен партнер на македонскиот ракомет, ја продолжува својата поддршка на турнирот и оваа година, а настаните ќе може да се следат во живо.

Во среда започнува 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга“, кој ќе се одржи од 12 до 15 август на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“. Турнирот, чија приказна започна во 1973 година, повеќе од половина век е препознатлив симбол на македонскиот ракомет и на спортскиот дух, кој секое лето ја носи Струга во центарот на спортското внимание.

Покрај домаќинот Струга, годинашното издание ќе ги собере ракометните екипи на Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп и српскиот претставник Дубочица 54 од Лесковац. Љубителите на ракометот ќе може да ги следат натпревари под отворено небо, покрај Охридското Езеро, во атмосфера која што со децении создава убави спомени и креира нови ракометни приказни.

Како долгогодишен партнер на македонскиот ракомет, Македонски Телеком и оваа година застанува зад турнирот, потврдувајќи ја својата континуирана посветеност на спортот, на младите таленти и на настаните што имаат посебно значење за домашната спортска сцена. Поддршката за Струшкиот турнир е дел од пошироката заложба на компанијата да биде активен партнер во развојот и промоцијата на македонскиот спорт.

Покрај поддршката за одржување на настанот, Македонски Телеком обезбедува и техничка поддршка за следење на натпреварите во живо, овозможувајќи ракометната атмосфера од Струга да стигне до навивачите. Преку технологијата и стабилната дигитална инфраструктура, спортот станува подостапен за сите, а возбудата од теренот поблиска до секој љубител на ракометот, независно каде и да се наоѓа.

Линковите за преносите во живо ќе бидат објавувани на официјалната Facebook страница на турнирот, со што љубителите на ракометот ќе можат да ги следат натпреварите и надвор од трибините. На овој начин, традицијата добива современо дигитално продолжение, а спортскиот настан ја проширува својата публика преку каналите што денес се природен дел од навивачкото искуство.

Меѓународниот ракометен турнир „Струга“ останува еден од најзначајните ракометни настани во земјата, место каде се спојуваат традицијата, спортскиот дух и новата енергија на македонскиот ракомет.

ПретходноМакедонија го доби првиот противник во разигрувањето за подобар пласман
СледноЧелзи и официјално има нов лев бек