Женската репрезентација на Македонија до 20 години загуби со 0:3 (17:25, 20:25, 16:25) од Романија во рамките од групата А, на отворањето на БВА Зонските квалификации за ЕП 2027 кои се играат во Мостар, БиХ.
Одбојкарките имаа убаво отворање на мечот и се држеа егал до 9:9, но потоа следуваше серија од 0-5 (9:14) на противникот на која во прилог и одеа и техничките грешки и проблемите со приемот во нашата игра. Романија се одлепи на 13:20 и потоа лесно дојде до предност од 0:1 во сетови.
Во вториот сет Македонија бркаше негатива на стартот (4:7) но одигра одлично во средината на сетот. Со серија изедначи на 13:13, па дури имаше и предност од 17:18. Одново ривалот нападна со сервис и со 20:25 стигна до водство од 0:2.
Во третиот сет иницијатива ја имаа Романките иако нашите репрезентативки понудија отпор во средината на сетот (10:13, 14:16) за на крајот да загубат со 16:25 за конечни 0:3 за противникот.
Македонија утре во второто коло ќе се соочи со Белорусија во дуел закажан за 14:30 часот.










