Женската репрезентација на Македонија до 20 години загуби и во вториот натпревар од групата А од Белорусија со 0:3 (19:25, 19:25, 18:25) во БВА Зонските квалификации за ЕП 2027.
Селекцијата загуби со максимален резултат, но понуди одлична игра и силен отпор на теренот во спортската сала „Бијели Бријег“ во Мостар. Разликата ја направи стабилниот блок на противникот и помалиот број на технички грешки во играта во поле.

Дуелот го отворивме егал и така се движевме до 6:6. Благодарение на блокот Белорусија прва направи исчекор, 6:9, но по тајм-аут реакцијата на селекторот Деан Стојанов, Македонија изедначи на 10:10, а поен за поен игравме до 14:14. Капитенот Сара Горбок беше одлично расположена и со сервис серија ни донесе водство од 17:15. Противникот нападна со силен сервис и со серија од 0-4 ја превзема контролата над резултатот 17:19. Париравме до 19:20, а потоа со нова низа поени Белорусија го освои сетот со 19:25 за водство од 0:1.
Во вториот сет влеговме рамноправно 3:3, но проблемите со приемот како и фактот дека не можевме со блок да го затвориме противничкиот напад овозможи Белорусија да поведе со 3:7, 6:11. Македонија беше константно во позиција да брка резултат. Иако имавме свои моменти со мини серии, сепак ривалот со идентичен резултат, 19:25 го доби и вториот сет.

Фириозен старт и водство од 4:1, односно 5:2 имаа македонските одбојкарки во третиот сет. На Белорусинките им требаше време да се стабилизираат, но се вратија на 6:6 и имаше голема борба за секој поен до 10:10. Техничките грешки и проблемите со приемот овозможија Белорусија да поведе со 10:13. Македонија се обидуваше да се врати во игра, но не успеја да најде начин и со 18:25, го запиша и вториот пораз од 0:3.
Шансата за прва радост Македонија ќе ја бара утре, 19:30, кога во последното коло се соочува со домаќинот БиХ.










