По првата недела од подготовките, тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, веќе може да ја даде првичната оценка и проценка на тоа што навивачите можат да очекуваат од новата сезона.
„Подготовките се одвиваат според планот. Тимот е заедно, сите се здрави и работиме добро на адаптацијата и вклопувањето во нашиот систем. Успеавме да ангажираме играчи за кои сметаме дека добро ќе се вклопат во нашите идеи за игра.
Сезонава имаме ростер кој е малку поинаков од претходните, со одлично ветеранско лидерство и играчи кои знаат што е потребно за да се победува. Секако, ќе се стремиме да бидеме агресивни на двете страни од теренот, а брзината ќе биде нешто што е клучно за нас“ посочи Атанасов и дополни…
“Како и секогаш, столбот на тимот ќе бидат Војдан и Дамјан Стојановски, а со додавањето на нашиот плејмејкер Ноа Фаракан, кој е вистински поентер на позицијата еден и ќе го надополни нашиот напад, тие ќе бидат едни од темелите на тимот. Ангажманите на искусниот центар Димитрије Николиќ и разноврсниот Лесли Варнер ќе ни дадат предност што ја немавме минатата сезона Нашата цел секогаш е иста – победа на секој натпревар, атак на секој трофеј, како и достојна презентација на Аеродром и на македонската кошарка во целост. За тоа ни треба и помошта од трибините, која сигурен сум дека нема да изостане. Заедно сме најсилни!“, вели Атанасов.










