Актуелниот македонски првак одигра доста неизвесен натпревар против Тримо Требње за пласман во финалето на турнирот „Крсте Андоновски“, кој се одржува во Охрид. Избраниците на Иван Чупиќ беа подобри со 28-26 и за противник во битката за трофејот ќе го имаат подобриот од мечот помеѓу ГРК Охрид и Загреб, кој стартува во 21 часот.
Гогов запиша 13 одбрани, додека Да Силва имаше шест погодоци, еден помалку постигна Љевар.
Противникот се покажа доста незгоден против „црвено-црните“, кои на одморот успеаја да се изборат за нерешени 11-11.
Слична игра видовме и во вториот дел, со тоа што македонскиот тим успеа да го наметне својот ритам и да поведе. Пред стартот на 50-та минута Вардар поведе со 24-21, првпат имаше плус три на овој натпревар. Требње притискаше и во продолжение, но Гогов продолжи со својата успешна партија и не му дозволи на противникот да дојде до изедначување откако се приближи на 24-23. Вардра поведе со 26-23, Цирар со гол од контранапад успеа да го доближи повторно својот тим на гол негатива, 26-25 на две минути до крајот. Да Силва успеа да го прекине молкот и да реализира во вистинско време, а Гоце Георгиевски стави печат на мечот за 27-25. Во продолжение немаше простор, ниту време за пресврт.










