✍Марија Ковачева
Навидум млади и мали, но на терените изгледаат големи и храбри. Таму годините не се важни, противничката може да биде и постара и поискусна, но борбеноста, самодовербата и желбата за победа се тие што ја прават разликата. Полека, но сигурно чекорат по патот кон остварување на своите соништа. Најважно од сѐ, не се откажуваат. Максимално се посветени на она што го одбрале и со својата упорност и труд веќе бележат врвни резултати.
Овој опис одлично ѝ прилега на Ива Богдановска. Има само 18 години, а веќе прави сериозни чекори во светот на џудото. На татамито не ги гледа годините, се бори со истиот жар, без разлика кој е од спротивната страна. Во своето спортско катче има повеќе од 60 медали од домашни и меѓународни турнири.
Македонската репрезентативка беше прогласена за најдобра кадетка од Џудо федерацијата, а доби и признание за најуспешен млад спортист од Сојузот на спортови на Град Скопје.
Последно големо остварување е златниот медал на Балканското сениорско првенство во Тирана. Во битката за првото место таа имаше противничка која е осум години постара од неа.
Ива во „Женски Спортски Приказни“ раскажува зошто го одбрала џудото, со какви предизвици се соочува, за стереотипите кога станува збор за овој спорт и што сѐ е потребно за да се биде успешен.

🥋Имаш 18 години, а веќе зад себе имаш бројни медали. Како започна твојата приказна со џудото и зошто го одбра токму овој спорт?
„Уште од 6 години започнав со боречки спортови, а на неполни 7 години започнав со џудо и веднаш ми се допадна. Со текот на времето сфатив дека тоа е спортот во кој навистина се пронаоѓам. Тој спорт е навистина некст левел.“
🥋Кога сфати дека џудото повеќе не е само детска игра и дека можеш да направиш сериозни чекори, а со тоа и големи резултати?
„Тоа го сфатив кога почнав да освојувам медали на поголеми натпревари. Тогаш сфатив дека со многу работа и посветеност можам да направам сериозни резултати.“
🥋Какви откажувања бара џудото во градењето на професионалната кариера? Што е најважно за една млада спортистка да стане успешна? Со какви предизвици се соочуваш?

„Џудото бара многу дисциплина, тренинзи и откажувања. Најважно е да бидеш упорен и да не се откажуваш кога ќе дојдат тешки периоди. Најголем предизвик ми е да останам мотивирана и психички силна.“
🥋На Балканското сениорско првенство стигна до златниот медал. Што значи за тебе овој успех, особено затоа што имаш 18 години?
„Ова злато ми значи многу, особено бидејќи имам само 18 години и се натпреварував во сениорска конкуренција. Ми даде уште поголема мотивација да продолжам да работам и да целам кон уште поголеми успеси.“

🥋Велат дека џудото те учи како да паднеш и повторно да се издигнеш. Колку овој спорт ти помага да се соочиш со предизвиците и надвор од терените?
„Џудото ме научи дека после секој пад мора да станеш и да продолжиш. Тоа многу ми помага и во животот, бидејќи научив полесно да се справувам со тешките ситуации.“
🥋Како се справуваш со поразот и како се враќаш назад?
„Поразите не се лесни, но се трудам од секој да научам нешто. Гледам каде сум згрешила, работам на тоа и се враќам уште помотивирана.“
🥋Како изгледа една подготовка за настап на големо натпреварување? Што е најважно?
„Подготовките се состојат од интензивни тренинзи, физичка подготовка, техника и тактика. Покрај тоа, многу е важна и психичката подготовка и самодовербата.“

🥋Кога ќе кажеш дека тренираш џудо, дали сѐ уште добиваш реакција од типот „тоа е машки спорт“ и како одговараш на таквите стереотипи?
„Да, сѐ уште има луѓе кои мислат дека џудото е машки спорт, но јас не се согласувам. Мислам дека секој треба да го тренира спортот што го сака, без разлика дали е машко или девојче.“
🥋Колку Ива има поддршка од институциите во Македонија? Од кого ја добиваш најголемата помош?
„Би сакала институциите да им даваат уште поголема поддршка на младите спортисти. Мене најголема поддршка ми се мојот тренер, мојот вујко и моето семејство, без кои сигурно немаше да бидам тука каде што сум денес.“
🥋Што би им советувала на девојчињата кои денес имаат седум, осум или десет години и за првпат влегуваат во сала за џудо?
„Би им кажала да не се плашат и да уживаат во џудото. Да не се откажуваат ако нешто не им оди веднаш и да веруваат во себе. Најважно е да го сакаат тоа што го прават.“

🥋Кои се твоите идни планови? Кој сон би сакала во иднина да го оствариш?
„Сакам да продолжам да се развивам, да освојувам уште многу медали и да ја претставувам Македонија на најголемите натпревари. Најголем сон ми е еден ден да настапам на Олимписките игри и да освојам медал.“

***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





