Македонското знаме вечерва гордо беше дел од свеченото отворање на Медитеранските игри во Таранто, каде што нашите спортисти ја претставуваат земјата на големата спортска сцена.
Честа да бидат знаменосци на македонската делегација им припадна на таеквондистот Дејан Георгиевски и ракометарката Леона Миленкоска, кои заедно со останатите членови на тимот го предводеа македонското дефиле на церемонијата.
Македонија на ова издание на Медитеранските игри ќе настапи во 19 спортови, од вкупно 33 дисциплини на програмата. Нашата земја ќе има свои претставници во повеќе индивидуални спортови, но и во екипните конкуренции.
Во колективните спортови, македонските бои ќе ги бранат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката селекција во баскет 3х3, како и фудбалската репрезентација до 21 година.
Настапот во Таранто има и историска димензија. Македонија ја испрати досега најбројната делегација на Медитеранските игри, составена од 130 членови, меѓу кои 90 спортисти.
Со развиорено знаме и големи амбиции, македонските спортисти го започнуваат своето учество на Игрите со желба да остават силен впечаток и да се борат за нови успеси и медали.










